Локалните избори ќе се распишат до крајниот датум, во првата половина на август, за да се остави простор да се пополнат испразнетите места на народниот правобранител и на претседател на ДКСК, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши по неделниот брифинг со новинарите.
Во меѓувреме, собраниската Комисија за избори и именување донесе одлука за распишување јавен оглас за именување на нов претседател и член на ДКСК, по оставката на Татјана Димитровска која, пак, поднела барање да се врати на старото работно место во Државниот завод за ревизија. Димитровска поднесе оставка на 25 јули, а на 29 јули македонското Собрание ја констатираше, откако Обвинителството за гонење организиран криминал поднесе обвинение против неа за две кривични дела – за одавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.
– Собранието во рок од десет дена треба да распише оглас. Ние тоа ќе го направиме веднаш по распишување на огласот за да се стигнат роковите. И ќе видиме како ќе треба тоа правно да го анализираме затоа што одредбите не се докрај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор, да се назначи претседател на ДКСК или, пак, народен правобранител – изјави Гаши.
Матичната комисија поднесе предлог до Собрание за избор на нов народен правобранител, а тоа е Фатон Сељами од Тетово. Дипломиран правник кој во минатото работел во канцеларијата на народниот правобранител, а во моментов е на позицијата раководител на одделението за политички систем при Министерството за правда. Сепак, неизвесен е неговиот избор од страна на Парламентот бидејќи е потребен поголем Бадентер, односно, треба да го поддржат мнозинство пратеници од заедниците во Собранието. Претходно, на Комисијата за избори и именувања, од пратеничката група на ДУИ не гласаа за него. По пензионирањето на Насер Зибери на 14 јули, Собранието објави оглас на кој се пријавиле 17 кандидати.
Пратениците од 4 до 22 август заминуваат на одмор, но претседателот на Собранието потсетува дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно, пратениците ќе бидат повикани на седница и за време на одморот.