Иако локалните есенски избори во Македонија, традиционално, се фокусираат на прашања од секојдневното живеење: инфраструктурата, урбанизмот, јавните услуги, не е исклучено евроинтегративниот процес и односите со Бугарија да бидат теми и во оваа изборна кампања. Во период кога преговорите со ЕУ се на чувствителна раскрсница, а политичките елити ги втемелуваат своите ставови околу уставните измени, се наметнува прашањето само по себе: Ќе се стави ли „европската агенда“ во втор план до октомври или токму изборната атмосфера ќе ја одржи или дури и засили нејзината релевантност во јавниот дискурс? Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека европската агенда е целосно отфрлена од дневниот ред на власта и на опозицијата, единствено може да се „засили“ доколку влезе во реториката на партиите за дневнополитичка кампања, за меѓусебно обвинување кој придонесол повеќе за блокираните европски интеграции.
– Македонија се наоѓа во една мат-позиција околу својот евроинтегративен пат, односно имаме поставено услов без кој не се може: вметнување на Бугарите во Уставот за да се отвори првото поглавје со Европската Унија. Дали ќе бидат европските интеграции „тема на денот“ на локалните избори наесен, е тотално ирелевантно за македонското членство во ЕУ, односно би биле само за дневнополитичка употреба – за обвинување меѓу доминантните политички партии „кој е предавник, а кој патриот”. Инаку, не постои никаква можност да се помрдне процесот напред, односно да се заобиколат одредбите од т.н. француски предлог во оваа констелација на односот со политичките елити и во Македонија и во Бугарија, кои од ден на ден сè повеќе ги заоструваат односите меѓу двете соседни држави – вели Атанасовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Во услови на чувствителни односи со источниот сосед и на пауза во процесот на евроинтеграции, иницијативата за оцена на уставноста на протоколот од втората меѓувладина седница со Бугарија, поднесена од поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска, добива клучна политичка и правна тежина. Оваа иницијатива може не само да го оспори легитимитетот на еден спорен билатерален документ туку и да ги одреди понатамошниот тек на односите со Софија и преговорите со ЕУ. Од Судот се очекува да се изјасни по летните одмори дали протоколот од 17 јули 2022 година, потпишан во Софија од тогашните министри за надворешни работи, ја поминал предвидената процедура за меѓународен договор: преговарање, усвојување од Владата, потпишување, собраниска ратификација и објавување во „Службен весник“. Според Поповска, ниту една од овие фази не е спроведена во согласност со Уставот и со законите.
Поповска тврди дека протоколот е ништовен, бидејќи прекршува 14 члена од Законот за меѓународни договори, два од Законот за надворешни работи и три од Уставот, меѓу кои и членот 8, кој се однесува на темелните вредности на уставниот поредок.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, го нарече протоколот „еден од најштетните документи во историјата на македонската дипломатија“. Премиерот Мицкоски, пак, обвини дека протоколот е резултат на „национално предавство“ на претходната власт, која, според него, потпишувала сè што ѝ било понудено од странски центри.
На почетокот од минатиот месец, Европскиот парламент усвои резолуција за напредокот на Македонија кон ЕУ, што беше прв таков извештај по речиси три години. Со тоа беше изразена поддршка, но беа нагласени и клучни забелешки: потреба од суштински реформи, особено во судството, борба против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото, како и спроведување на уставните измени поврзани со бугарското малцинство.
Најконтроверзен дел во извештајот е повторното „бришење“ на формулацијата „македонски јазик и идентитет“, прашање кое креира силни реакции во македонското општество и во политичката елита и кое директно се поврзува со бугарската блокада и со барањата на Софија.
Познат е ставот на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, дека нема да ги направат уставните измени што ги бара Софија доколку нема јасна гаранција од ЕУ дека тоа ќе биде последно билатерално прашање за Македонија.
Првпат ЕУ официјално ги одвои процесите на Албанија и на Македонија поради блокадата, со што Албанија продолжи со отворање на поглавјата, а македонскиот пат е замрзнат.
Тирана во јули доби зелено светло од Брисел и со забрзано темпо се движи кон завршната фаза од пристапните преговори со Европската Унија, додека Скопје останува заглавено на самиот почеток. Од земја што некогаш важеше за регионален лидер во европските интеграции, Македонија денес се соочува со застој – дури и со регрес – под тежината на надворешните идентитетски условувања, длабоките внатрешни поделби и хроничниот недостиг од политички консензус за клучните државни приоритети.
Постои големо предупредување од експерти и од европратеници дека не смее да се заложува модерната европска агенда со билатерални прашања, но и дека опаѓа вербата на јавноста во ЕУ-процесот поради бројни отстапки без реален напредок. Дел од аналитичарите предупредуваат и на засилено влијание од трети земји, на штета на европската интеграција. (В.С.Н.)