Локални уметници ќе внесуваат боја и живот во урбаниот простор

34

Општина Центар ги поканува сите креативни луѓе, уметници и културни здруженија од територијата на Центар да учествуваат во новиот јавен повик за изработка на мини мурали и графити на јавните простори. Овој повик е дел од Програмата за култура за 2025 година и има цел да го разубави визуелниот изглед на Општината и да ги потенцира културниот и јазичниот идентитет.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека проектите на конкурсот треба да ја истакнат значајноста на македонските писмо и јазик или да им бидат посветени на културните обележја и настани.

– Преку проектот „Мини мурали и графити“ создаваме нови можности за локалните уметници и внесуваме боја и живот во урбаниот простор. Уметноста на јавните површини не само што го разубавува градот туку носи и пораки што ги сплотуваат граѓаните. Нашата цел е Центар да биде отворено платно за креативноста. Право на учество имаат поединци, регистрирани здруженија и правни субјекти со седиште во Општина Центар – вели Герасимовски.

Подносителите на пријава на јавниот повик може да предложат локација за изработка на муралот/графитот по сопствен избор. Доколку посочената локација претставува ѕид од фасада на станбена зграда, потребно е учесниците да приложат согласност од сопствениците на објектот.

Пријавата со комплетната документација треба да се достави во еден оригинален примерок, пополнета електронски, потпишана и заверена од одговорно лице на апликантот. Документацијата може да се поднесе по пошта, на адреса: Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности / Одделение за култура, улица „Михаил Цоков“, број 1, 1000 Скопје или лично во архивата на Општина Центар (барака 6), секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот, со назнака: „Јавен повик за цртање мурали и графити на јавен простор на подрачјето на Општина Центар“.

Поднесувањето на пријавите е отворено пет дена од денот на објавувањето на повикот на веб-страницата на Општина Центар (www.centar.gov.mk).

Финансиската поддршка ќе се додели согласно со квалитетот, обемот и оригиналноста на предлог-проектите, во вкупен износ од 295.000 денари.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ