понеделник, февруари 9, 2026
Дома СКОПСКА Логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и со попреченост

Логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и со попреченост

64

Нова социјална услуга во заедницата, која ќе опфати индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост ќе се воспостави во Општина Илинден.

Тоа е овозможено со потпишувањето мемрандум за соработка на Општина Илинден со Здружението за обезбедување на третман, застапување и унапредување на правата на лицата со попреченост „Мегалогомед глас – Скопје“.

-Оваа услуга ќе биде насочена кон рано препознавање на развојни нарушувања, навремена интервенција и континуирано следење на децата со атипичен развој. Во рамки на активностите ќе биде обезбедена и социјална интервенција, заштита на интересите на лицата со попреченост и нивните семејства, како и едукација и поддршка за родителите во делот на логопедската и дефектолошката работа – соопштија од Општина Илинден.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека воспоставувањето на оваа социјална услуга претставува значајна придобивка за локалната заедница, особено за ранливите категории граѓани. Тој додаде дека обезбедувањето на стручна поддршка на територија на општината ќе овозможи поголема достапност, намалување на финансиските трошоци и олеснување на секојдневните обврски на семејствата.

Услугата ќе биде бесплатна за лицата кои ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).

За да ја добиваат на оваа услуга, граѓаните во наредниот период ќе можат да се обратат во здружението „Мегалогомед глас – Скопје“.

Со оваа иницијатива, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата заложба за унапредување на квалитетот на живот и обезбедување достапни и квалитетни услуги за сите граѓани на локално ниво.

 

ИЗДВОЕНИ