Лизгањето на земјиштето на Водно може да загрози домови и човечки животи

93

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, упати сериозно предупредување за состојбата со лизгањето на земјиштето на падините на Водно, посочувајќи дека постои реална опасност по објекти, но и по човечки животи.

Ангелов апелираше дека проблемот мора да се сфати сериозно и оти институциите не смеат да дозволат да се реагира дури кога ќе настанат катастрофални последици.

– Верувам дека има загрозени објекти на падините на Водно. Овој проблем мора да се сфати многу сериозно, за да не дојдеме до последици кои може да ги загрозат, па дури и да одземат човечки животи – изјави тој.

Според информациите со кои располага ДЗС, надлежните веќе преземале мерки.

Ангелов потсети на координативните состаноци во Центарот за управување со кризи, нагласувајќи дека тимови од искусни професионалци активно работат на проблематиката.

Тој ја истакна и улогата на медиумите во подигнување на јавната свест, особено кај жителите на Водно, кои, како што рече, можеби не ја согледуваат целосната опасност поради тоа што долги години се навикнати да живеат во тој дел од градот.

– Луѓето што живеат таму често не мислат дека може да се случи сериозна штета. Но, сведоци сме на бројни примери, и кај нас и ширум светот, дека свлечиштата можат да предизвикаат огромни проблеми  – нагласи Ангелов.

Апелот доаѓа во период кога сè повеќе жители известуваат за појава на пукнатини на објекти и забележливо движење на земјиштето, што ја засилува загриженоста околу стабилноста на падините на Водно.

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ