Лизгање на земјиштето на Водно ги собра надлежните, потребни се итни мерки

33

Поради лизгање земјиште на Водно, во близина на улиците „Белградска“ и „Партение  Зографски,“ денеска, на иницијатива од Општина Центар, во Центарот за управување со кризи се одржа итен координативен состанок.

Од ЦУК информираа дека на состанокот на кој присуствувале директорот на ЦУК – Мухамед Али, градоначалникот на Општина Центар – Горан Герасимовски и претставниците на сите надлежни институции и служби била разгледана состојбата на терен, ризиците за околните објекти и потребата од итно преземање мерки за стабилизирање на критичната зона.

– Договорени се заедничко координирано дејствување, засилен надзор и изработка на ургентен план, со цел спречување на понатамошно лизгање на земјиштето – соопштија од ЦУК.

Планот треба да ги вклучи неопходните геомеханички испитувања, зајакнување на косината со потпорни конструкции каде што е возможно, уредување на одводните канали и на дренажните системи, како и привремени технички мерки што ќе го намалат ризикот од понатамошно лизгање, особено во услови на продолжени врнежи. Паралелно со тоа, ќе се воспостави засилен надзор со редовни теренски контроли и следење на можни нови пукнатини или движење на земјиштето.

Централна точка на дискусијата била и безбедноста на жителите што живеат во непосредна близина на критичниот потег. Во случај на влошување на состојбата, институциите ќе мора брзо да одлучат за евентуално ограничување на сообраќајот, затворање на дел од улиците или за привремена евакуација на објектите што би можеле да бидат директно загрозени.

Засега не се активирани такви мерки, но од ЦУК и од Општина Центар апелираат граѓаните внимателно да ги следат информациите и да пријавуваат доколку забележат нови знаци на лизгање, пукнатини или промени на теренот.

Од ЦУК додаваат дека заклучоците од состанокот ќе бидат официјално проследени до Владата за натамошно постапување.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ