Еден од напаѓачите што имаа одлична сезона и се очекува да го променат клубот ова лето е Александар Исак од редовите на Њукасл. На почетокот од преодниот рок, тој беше поврзуван со бројни клубови, првенствено со Арсенал и со Ливерпул.

Само неколку недели по освојувањето на титулата во Премиер лигата, челниците на Ливерпул доведоа големи засилувања за новата сезона, во која имаат огромни амбиции. Десниот бек Џереми Фримпонг беше првото засилување на Ливерпул и пристигна како директна замена за Трент Александар-Арнолд, кој се пресели во Реал Мадрид. По Фримпонг, во Ливерпул пристигна уште еден играч од Баер Леверкузен, Флоријан Вирц, чие доаѓање беше рекорд во Премиер лигата, само неколку дена подоцна. Во Ливерпул моментално се фокусирани на завршувањето на работата околу левиот бек на Борнмут, Милош Керкез, кој наскоро ќе стане играч на тимот од „Енфилд“. Покрај него, наскоро во клубот треба да пристигне и нов централен дефанзивец, а изборот наводно паднал на играчот на Кристал палас, Марко Гуеи.

Како што стојат работите, Ливерпул нема намера да застане тука – амбициите за ангажман на Исак најдобро го покажуваат тоа.

Имено, уште во пресрет на преодниот рок, англиските медиуми тврдеа дека Ливерпул ќе го продаде Дарвин Нуњез и дека ќе доведе нов напаѓач. Беа споменувани Жоао Педро, Уго Екитике и Хулијан Алварез, но како што стојат работите, изборот паднал на Александар Исак, кој претставува засилување од соништата за челниците на „Енфилд“.

Иако веќе потроши над 200 милиони евра за доведувањето на Фримпонг и на Вирц, како и за очекуваното доаѓање на Керкез, Ливерпул може да потроши повеќе бидејќи не е ни блиску до прекршување на финансискиот ферплеј.

Ова, секако, е огромна зделка и се очекува да пристигне официјална понуда од Ливерпул во Њукасл, за Исак, на почетокот од следниот месец.

 

 

ИЗДВОЕНИ