Шокантната вест за смртта на Диого Жота (28) го потресе фудбалскиот свет. Португалскиот фудбалски репрезентативец и член на англискиот клуб Ливерпул трагично загина во сообраќајна несреќа во шпанската покраина Замора.

Несреќата се случила на автопатот А-52 во близина на Санабрија. Автомобилот во кој се возеле Жота и неговиот помлад брат, Андре (26), кој, исто така, играше професионален фудбал за португалскиот клуб Пенафиел, излетал од патот и набрзо се запалил. Како што наведува Би-би-си, автомобилот излетал од патот поради пукната гума, при минување на друг автомобил.

Очевидци, кои ги повикале службите за итни случаи, рекле дека возилото веќе било зафатено од пламен кога пристигнале и дека пожарот се проширил на околната вегетација.

  • Порто е во тага. Со голем шок и длабоко жалење, им испраќаме искрено сочувство на семејството и на пријателите на Диого Жота и на неговиот брат, Андре Силва, кој, исто така, беше наш младински играч. Нека почиваат во мир! – соопштија од неговиот поранешен клуб, Порто, преку официјалната веб-страница.

Диого Жота му се приклучи на Ливерпул во 2020 година откако пристигна од Вулверхемптон за речиси 45 милиони евра. Во текот на својата кариера во црвениот дрес, тој одигра 182 натпревари, постигна 65 гола и запиша 26 асистенции. Во тој период, тој му помогна на клубот да освои три големи трофеи: Премиер лигата во сезоната 2024/2025 и ФА и Лига-купот во сезоната 2021/2022.

Инаку, Жота ја започна својата професионална кариера во португалскиот клуб Пакос де Фереира, каде што брзо го привлече вниманието. Набрзо потпиша договор со Атлетико Мадрид, но никогаш не играше за него бидејќи веднаш беше испратен како позајмен, прво во Порто, а потоа и во Вулверхемптон, каде што остави силен впечаток и стана клучен играч на тимот.

Откако му помогна на Вулверхемптон да се пласира во Премиер лигата, Жота се пресели во Ливерпул, каде што доживеа историски моменти со него.

  • Ливерпул е целосно скршен од трагичната смрт на Диого Жота. Клубот е информиран дека 28-годишниот Диого починал во сообраќајна несреќа во Шпанија, заедно со својот брат, Андре. Ливерпул нема да дава понатамошни коментари во овој момент и бара да се почитува приватноста на семејството, пријателите, соиграчите и на персоналот на клубот додека се справуваат со оваа ненадоместлива загуба – пишува во соопштението на Ливерпул.

ИЗДВОЕНИ