Литванија утре повторно ќе отвори два гранични премини со Белорусија, кои беа затворени откако балони со шверцувани цигари влегоа во земјата, изјави денес литванскиот министер за внатрешни работи Владислав Кондратович, пренесе „Бета“.
Тој на состанокот на кабинетот изјави дека ограничувањата „веќе не се потребни за да се обезбеди внатрешна безбедност“.
Два гранични премини, Салчининкај-Бенјакони и Медининкај-Камени, беа затворени на 30 октомври за еден месец поради ризикот за воздушниот сообраќај што го претставуваат десетици балони што превезуваат шверцувани цигари од Белорусија.
Балоните предизвикаа привремено затворање на аеродромите во Вилнус и Каунас, што влијаеше на неколку илјади патници.
Литванската влада и Европската унија ги опишаа инцидентите како „хибриден напад“.
Затворањето на границата ги зголеми тензиите меѓу Литванија и Белорусија, близок сојузник на Русија.
Минск заплени околу 2.000 литвански камиони кои беа заглавени во Белорусија откако беа затворени двата премина.
Олег Тарасов, потпретседател на Линава, литванската асоцијација на патни превозници, изјави за АФП дека приближно 60 милиони евра (69 милиони долари) средства се замрзнати во Белорусија по затворањето на границата.
Литванските власти забележаа намалување на протокот на балони што превезуваат шверцувана стока од затворањето на премините.
Откако Полска во понеделникot отвори два гранични премини со Белорусија, литванските и белоруските претставници разговараа за шверцот, заглавените камиони и прашањата за миграцијата.












