Бакар, литиум, злато, антимон и никел се метали што се дефицитарни во глобални рамки. Од ЕУ забрзано реагираат дека мора да се отвораат нови рудници во наредните 27 месеци и државите членки да ги овозможат сите правно-формални механизми.
Литиумската треска веќе ја зафати Србија, а познавачот на состојбите во рударскиот сектор во Македонија, Виктор Грозданов, во колумна посочува дека е „прашање на време кога експлоатацијата на литиумот ќе стане актуелна и во Македонија“. Инаку, во Македонија официјално не е најден сребренобелиот метал, но земјава, поточно Источна Македонија, се наоѓа на патот на бакарот.
Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се крчкаат законот за минерални суровини и законот за рударство, преку кои државата ќе ги диктира правилата за експлоатација на рудните богатства. Новите законски решенија ќе предвидат законски казни (за оние што ќе ги прекршат строгите правила), кои ќе бидат поголеми од сегашните за најмалку пет до десет пати
Европската Унија забрзано реагира на моменталната ситуација кога станува збор за критичните метали. Пред сѐ, се мисли на бакар, литиум, злато, антимон и на никел, кои се дефицитарни во глобални рамки. Од ЕУ забрзано реагираат дека мора да се отвораат нови рудници во наредните 27 месеци и државите членки да ги овозможат сите правно-формални механизми.
Експертите велат дека тоа се должи на европската зелена политика, која е доминантна во последниве 10-15 години, па во изминатава една и пол декада во некои држави се намалија, а некаде и се прекинаа истражувањата на потенцијални наоѓалишта на минерални суровини.
Деновиве, во јавноста незабележливо помина веста дека при гринфилд истражувања, бил откриен литиум на крајниот југ на Србија, во општините Бујановац, Врање, Трговиште и Босилеград, кои се граничат со Македонија. Овие локации се наоѓаат на неколку километри од српско-македонската граница, па професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, поставува прашање дали постои веројатност истите геолошки формации да навлегуваат и на македонска територија, особено во атарите на селата Пелинце и Враготурце кај Куманово.
– Со оглед на тоа што станува збор за релативно широко подрачје, постои голема веројатност истите геолошки формации да навлегуваат и на македонска територија. Ако биде процесот добро осмислен и се преземат сите мерки за безбедно управување со рударскиот отпад, особено со сулфатните соли, нуспроизводи од неутрализацијата на сулфурната киселина од процесот на пржење на литиумскиот концентрат, тогаш постои реална шанса овие пасивни краишта да излезат од вековната сиромаштија. Рударството и поврзаната индустрија би отвориле нови работни места, а државата би добила ресурс со висока пазарна вредност – вели Трајковски.
Литиумската треска веќе ја зафати Србија, а познавачот на состојбите во рударскиот сектор во Македонија, Виктор Грозданов, во колумна посочува дека е „прашање на време кога експлоатацијата на литиумот ќе стане актуелна и во Македонија“.
Инаку, во Македонија официјално не е најден сребренобелиот метал, но земјава, поточно Источна Македонија, се наоѓа на патот на бакарот.
– Во Македонија имаме среќа да се најдеме на патот на бакарот, кој поминува низ источна Македонија. Започнува од Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Старо Нагоричане, Валандово и завршува во месноста Иловица – Штука. Токму оваа последна локација важи за најголем рудник во Македонија кој би се градел по најнови еколошки и индустриски стандарди и само во првите две години би внел во општините Босилово и Ново Село 350 милиони евра директна инвестиција – вели Грозданов во колумната.
Инаку, во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се крчкаат законот за минерални суровини и законот за рударство, преку кои државата ќе ги диктира правилата за експлоатација на рудните богатства. Новите законски решенија ќе предвидат законски казни (за оние што ќе ги прекршат строгите правила), кои ќе бидат поголеми од сегашните за најмалку пет до десет пати.
(С. Бл.)