Бројот на водни птици што презимуваат на Дојранското Езеро годинава е зголемен за околу 2.000 единки во споредба со лани, покажуваат резултатите од зимскиот попис спроведен под водство на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Според податоците, вкупно 6.209 водни птици се регистрирани во езерото, при што најбројни и натаму се лиските, галебите и кормораните. По нив по бројност следуваат различни видови нуркачи и патки.
Зимскиот цензус на водни птици се спроведува секоја година на меѓународно ниво и ги опфаќа трите природни езера во земјава – Дојранското, Преспанското и Охридското.
МЕД го координира пребројувањето од 2010 година, а годинава беше реализирано 17. по ред во Македонија, како дел од глобалната програма што веќе шест децении се спроведува во 189 земји и територии.
Во активностите учествувале и претставници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, албанската организација PPNEA, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција.
Во последните пет години, бројноста и разновидноста на птиците што презимуваат на Дојранското Езеро варирале со помал интензитет во споредба со Преспанското и Охридското Езеро. Според еколозите, најчести причини за промените се колебањата на нивото на водата, присуството на ловџии и наглите локални климатски промени.
При годинашниот попис повторно биле забележани интервенции во северозападниот дел од крајбрежјето, каде што земјиште во близина на водата се претвора во земјоделска површина. Овие зафати најчесто вклучуваат сечење на трската, која претставува важно засолниште и место за гнезда за голем број видови птици и други животни, што може негативно да влијае врз водните живеалишта.
Пописот, годинава, го спровеле десет научници и орнитолози, заедно со волонтери и членови на МЕД.
Од Друштвото посочуваат дека интересот за учество расте, што го оценуваат како позитивен сигнал за препознавање на значењето на теренската работа и граѓанската наука.
На ниво на трите езера, годинава се попишани преку 35.300 единки од 44 видови водни птици. Според еколозите, зимскиот попис претставува важна алатка за следење на состојбата на водните екосистеми и навремено детектирање на промени предизвикани од губење живеалишта, промени во водниот режим, загадување и климатски влијанија, со цел навремено предупредување за евентуално влошување на биодиверзитетот.












