недела, февруари 22, 2026
Дома СПОРТ ОЛИМПИСКИ ИГРИ Лирдам нема да биде казнета за покажувањето на градникот

Лирдам нема да биде казнета за покажувањето на градникот

71
EPA/ROBERT GHEMENT

Холандската лизгачка Јута Лирдам (27) нема да биде казнета за тоа што го покажа белиот спортски градник „најк“ откако олимписките службеници ја ослободија од обвиненијата за таен маркетинг. Таа го напушта Милано со златен медал на 1.000 метри и со сребро на 500 метри. Емотивниот момент што го сподели со својот свршеник, Џејк Пол, откако го освои олимпиското злато пред нешто повеќе од една недела, додека ѝ течеа солзи радосници по лицето, беше еден од највпечатливите на Игрите.

Пол сподели видео од победничкото лизгање со своите 29 милиони обожаватели на „Инстаграм“, но Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) не пронајде прекршување на медиумските правила. Секој пат кога ќе ја помине целта, Лирдам има навика да го отвора портокаловиот комбинезон и да го покажува белиот спортски градник. „Најк“, исто така, објави фотографија од неа на својот инстаграм- профил, каде што има речиси 300 милиони следбеници, со натписот „Кога си толку брз, не бараш дозвола“.

Иако „Најк“ не е дел од официјалната програма за спонзорство на Олимписките игри, маркетинг-експертите проценуваат дека Лирдам би можела да заработи неочекуван милион долари од оваа промоција. На прашањето дали е виновна за таен маркетинг, извршната директорка на ИОК за телевизиски и маркетиншки права, Ан-Софи Вумар, одговори:

– Не сум експерт за брзо лизгање, но од она што го разбирам, отворањето на комбинезонот по трката е вообичаена практика кај натпреварувачите во брзо лизгање, бидејќи тој е многу тесен. Тоа е вообичаено и не е таен маркетинг.

Според медиумскиот водич на ИОК за Игрите во Милано и Кортина 2026, „зачувувањето на комерцијалната вредност на олимпискиот бренд“ се сфаќа исклучително сериозно. Водичот наведува дека „неовластената употреба на олимписките прстени и на други олимписки симболи, познати како таен маркетинг, може да го наруши интегритетот на брендот“. Ваквите активности би можеле да се сметаат за „поткопување на вредноста на официјалните партнерства и би можеле да влијаат на способноста на ИОК да генерира приходи што ги поддржуваат спортистите и спортските организации на сите нивоа низ целиот свет“.

Без оглед на случајот, ИОК изрази задоволство од начинот на кој го документирала Лирдам своето олимписко искуство, преку Интернет. Ова го вклучува пристигнувањето во Италија со приватен авион, за што ја обвинија дека е „дива“. Лирдам, која има 6,3 милиони следбеници на „Инстаграм“, исто така, покажа чанта „хермес биркин“ од 10.000 фунти, која ја купила откако ја освои олимписката титула.

 

ИЗДВОЕНИ