Пензионери од цела држава, особено оние со пониски пензии, денеска на пладне се собраа пред Уставен суд да го бранат линеарното покачување на пензиите по можноста дека ќе се преиспитува уставноста на последните законски измени на Законот за пензиско и инвалидското осигурување, најавени токму од овој суд. Тие сметаат дека е направено некои да земаат само 700-800 денари, а други да добијат 3-4 илјади денари покачување ако се врати процентуалното усогласување на пензиите.

Нивното барање е да продолжи линеарното зголемување, со цел, како што нагласија „да се намали јазот меѓу малите и големите пензии“.
– Првпат се крева гласот на пензионерите. Досега беше со процентуално зголемување на пензиите од 600-700 денари. Ќе немаме за леб, ако се случи да биде процентуално. Јазот меѓу најголемата и најмалата пензија беше 1 спрема 4, сега е 1 спрема 7 и само ќе се зголемува. Доста е пензионерите да бидат поделени – нагласи претседателот на иницијативниот одбор, Зоран Трајков.
Една пензионерка предложи формула по која треба да се пресметува покачувањето на пензиите за, како што рече, за да бидат сите еднакви.
– Има формула, процентот се добива по покачување на цените, покачување на животниот стандард, се зема тој процент, се множи со вкупните исплатени пензии на ниво на цела држава и се дели со 340 илјади пензионери. Едноставна математика која ќе дозволи сите да бидеме еднакви – истакна пензионерката.
Покрај линеарното усогласување, групата пензионери бара и воведување К-15, покачување на посмртнината од 35 на 50 илјади денари и воведување на пензионерска картичка. Нов протест најавија за 10 декември пред Канцеларијата на Европската Унија во Скопје.

Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, вели дека нема проблем со исплатата на пензиите за ноември и дека во буџетот за следната година се обезбедени средства за исплата на пензиите.
– Буџетот на Фондот за следната 2026 година е проектиран на 151 милијарда денари. Од нив, 117 милијарди денари се предвидени за исплата на пензиите, вклучително здравствено осигурување на пензионерите и транзициските трошоци кон пензиските друштва во вториот столб. Нема апсолутно никаква потреба од каква било вознемиреност дека има недостаток на средства за исплата на пензиите – додаде тој.
Тој истакна дека зголемувањето на пензиите за 14 месеци (од септември 2024 до ноември 2025), номиналното е 6.000 денари што е зголемување од 29,6 %. Смета дека линеарното покачување е правилно и праведно.
– Сите дилеми и сите разлики од тоа кој колку плаќал придонеси во Фондот за пензиско завршуваат во моментот со денот на издавањето на решението за пензија. Ако вие сте плаќале повеќе придонеси имате повисока пензија, јас сум плаќал помалку придонеси имам помала пензија. Овие усогласувања, зголемувања што ги прави владата ги плаќаат сите осигуреници, односно сите даночни обврзници во Македонија и се за ублажување на зголемените животни трошоци и на порастот на платите во Македонија – рече Мемов.
Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ












