Американската скијачка Линдзи Вон објави дека ќе се натпреварува на претстојните Зимски олимписки игри и покрај скинатите предни вкрстени лигаменти на левото колено. Нејзиното извонредно враќање од пензија на 41-годишна возраст беше доведено во прашање по сериозната повреда на трка минатата недела, но таа не се откажува.

Денови по падот за кој рече дека целосно ѝ ги скинал предните вкрстени лигаменти, Вон го тестираше коленото на снегот. Потоа им изјави на новинарите дека е уверена дека може да се натпреварува во спуст оваа недела, 8 февруари, со помош на протеза. Но, призна, со разочарување во гласот, дека нејзините очекувања повеќе не се толку големи како што биле пред падот.

  • Ова, очигледно, не е она на што се надевав. Работев многу напорно за да дојдам на овие Игри во многу поинаква позиција. Знам какви беа моите шанси пред падот и знам дека не се исти денес. Но, знам дека сè уште има шанса. И сè додека има, ќе се обидувам – порача Вон.

Вон падна минатиот петок, во текот на спустот во Кран-Монтана, Швајцарија, на последната трка од Светскиот куп во оваа дисциплина, пред Олимписките игри. Поради тешките услови на патеката, уште две натпреварувачки паднаа пред неа. Во текот на спуштањето, Вон ја загуби контролата по еден скок, падна и се лизна во заштитната мрежа. Го повреди левото колено, но успеа внимателно да се спушти до целта, од каде што беше префрлена со хеликоптер на медицински прегледи. Трката беше откажана по нејзиниот пад.

Враќањето на Линдзи Вон од пензионирање е една од најубавите приказни пред годинашните Игри во Италија. Таа се пензионираше во 2019 година, поради хронични проблеми со коленото, верувајќи дека повеќе не може да се натпреварува на највисоко ниво. Сепак, делумната замена на десното колено во 2024 година, кое не беше повредено при падот минатата недела, ѝ овозможи да започне со сериозни тренинзи.

Олимписката трка во спуст е закажана за недела, 8 февруари, тимската трка ќе биде на 10 февруари, а супервелеслаломот е закажан за 12 февруари. Вон во вторникот изјави дека нејзиниот настап во тие настани ќе зависи од резултатот во спустот.

ИЗДВОЕНИ