Лимфната дренажа задолжително се препорачува кај лица кои закрепнуваат постоперативно од карциноми, но, исто така, оваа масажа е призната од Светската здравствена организација како масажа број еден во лекувањето на најтешките здравствени проблеми кај пациентите
Лимфедема или лимфна опструкција е долгорочна состојба во која вишокот течност се собира во ткивата со што предизвикува оток – едем. Најчесто ваквата состојба е предизвикана од блокирање на лимфниот систем т. е лимфен застој. Најчесто влијае на една од рацете или нозете, во некои случаи двете раце и двете нозе. Некои пациенти може да доживеат оток во вратот и главата, гениталиите или градите.
Болеста поминува низ четири стадиуми:
Во првиот стадиум отокот само се појавува. Во вториот отокот се појавува, но исчезнува. Во третиот стадиум едемот е траен, додека во четвртиот се зголемува и доаѓа до деформации на засегнатите екстремитети.
Лимфедемата е неизлечива, но со правилен и континуиран третман може да се контролира. Основен конзервативен метод во борба против лимфедемата е мануелната рачна лимфна дренажа, комбинирана со компресивна терапија и нежни терапевтски вежби. Нејзината способност е да го намали отокот во засегнатите делови од телото и да овозможи подобра функционалност на целиот лимфен систем.
Мануелна лимфна дренажа
Најчести причини се: генетски предиспозиции, терапија со радијација, инфекции, воспалителни состојби, повреда и траума.
Мануелната лимфна дренажа е специјализирана техника на масажа, базирана на анатомијата на лимфниот систем која е дизајнирана да го намали отокот преку подобрување на лимфната дренажа. Таа овозможува да се пренасочи течноста од областите каде што е присутен отокот, кон функционалните лимфни јазли. Во МЛД се применуваат специфични движења на рацете на површината на кожата и се следат анатомските лимфни патишта на телото за да се промовира дренажа од погодениот екстремитет. Тоа вклучува нежно пумпање на кожата. Како резултат на тоа, лимфниот проток низ телото се зголемува, без зголемување на филтрацијата, со што се намалуваат лимфните патеки и симптомите на лимфедема.
Мануелната лимфна дренажа се обидува да го охрабри природното движење на лимфата преку лимфниот систем со помош на неколку различни техники за движења на рацете.
Овие движења се поделени во две главни фази: работна фаза или фаза на расчистување со примена на нежен притисок во областа и нејзино поттикнување на движење и фаза на одмор или реапсорпција.
Движењата се бавни и повторувачки во сесија која трае од 45 минути до 90 минути, изведувана од страна на професионален лиценциран МЛД-физиотерапевт. Физиотерапевтот го определува бројот на сесии и нивното времетраење во зависност од тоа како телото реагира на масажата и колку бргу се реапсорбира течноста. Факт е дека периодот на закрепнување е долг, но за среќа, третманот е безболен и дејствува пријатно и релаксирачки врз пациентот и се покажал како најдобар метод во контролата на лимфедемата.
Во комбинација со овој третман се препорачува бандажирање на засегнатата регија со специјални сетови со еластични завои непосредно по изведувањето на мануелната лимфна дренажа за да се превенира можно враќање и повторно собирање на течноста назад од местото од каде што се акумулирала.
Исто така е важно во дневната рутина да бидат застапени лесни активни вежби за екстремитети, кои се изведуваат спроти Земјина гравитација со претходна обука за начинот на спроведување и дозирање од страна на физиотерапевт.
Најчести предности на вежбите се:
Активирање на циркулација на течности, зголемување на контракцијата на лимфните садови, цедење на токсините, макромолекули, масти и стимулирање на имунолошкиот систем, намалување на мускулни грчеви, стимулирање на парасимпатичкиот систем, подобар квалитет на спиење и најважно, намалување на едемата – отокот.
Несакани ефекти и мерки за претпазливост се:
Лимфната дренажа треба да се избегнува кај лица со конгестивна срцева слабост, акутни инфламаторни процеси, активни крвни згрутчувања или длабока венска тромбоза, малигни тумори, кожни инфекции, висока фебрилност, бубрежна инсуфициенција.
Во секој случај, пред да почнете со терапија посоветувајте се со вашиот физиотерапевт и дискутирајте за вашата медицинска историја и за какви било промени кои ќе се појават во периодот на лекувањето.
Најважно е дека лимфната дренажа помага во сите области за лекување, периодот на лекувањето и третманите се од 15 до 21 ден со можност за продолжување од 10 до 12 третмани плус.
Лимфната дренажа задолжително се препорачува кај лица постоперативно од карциноми, но исто така, оваа масажа е призната од Светската здравствена организација како масажа број 1 во лекувањето кај најтешките здравствени проблеми кај пациентите.
Исто така, се препорачува и за лица кои немаат здравствени проблеми.
(Авторот е специјалист по здравствен фитнес, Ординација за физиотерапија ФИЗИОТЕРАПЕВТ – ЗДРАВЈЕ)












