При секое невреме со силен ветар, како да стана правило да одлета некој кров од зградите кои дополнително се препокривани со лимени плочи. Тоа се случи и овој пат. Во саботата, кога дуваше силен ветар во попладневните часови, летнаа лимените кровови на згради во Ѓорче Петров и во Чаир и во двата случаја е чиста среќа што нема мртви и повредени луѓе. Станарите на згради честопати вршат препокривање на салонитните кровови со лимени бидејќи е поевтино, но останува дилемата дали надлежните инспекторати го проверуваат тоа. Прашавме во општина Ѓорче Петров, каде што во саботата летна лимениот кров и оттаму првично ни посочија дека немаат инспектор за домување, но дека ќе ни достават информација дали постапувал градежниот инспектор, но до затворање на весникот не добивме одговор. Останува само уверувањето што од Општината го напишаа на „Фејсбук“ дека „граѓаните можат да бидат уверени дека ќе ја имаат потребната поддршка и дека институциите остануваат целосно посветени на заштита и безбедност на населението“
При секое невреме со силен ветар, како да стана правило да одлета некој кров од зградите кои дополнително се препокривани со лимени плочи. Тоа се случи и овој пат. Во саботата, кога дуваше силен ветар во попладневните часови, летна лимен кров на зграда во Ѓорче Петров и истиот падна врз две возила на блиската улица. Како да е лист хартија падна и лимен кров од новоградба во скопски Чаир и во двата случаја е чиста среќа што нема мртви и повредени луѓе со оглед на тоа дека квадрат лим тежи само 7 килограми, а тежината се мултиплицира со брзината и висината од која паѓа.
Веднаш се огласи скопската градоначалничка, Данела Арсовска, која со месеци наназад посочува дека во Чаир се градат висококатници без безбедносни стандарди и без проекти.
– Молчат пред криминалциве од Чаир, не смеат да им писнат, ги бранат со живот, им дозволуваат да мислат дека со моќ и пари може сѐ да купат и да продолжат со криминалот како да е сѐ ова нормално. За разлика од сите останати чесни луѓе, овие градат висококатници без безбедносни стандарди, без статика, без проекти, без да платат комуналии и даноци. Тој ден кога нема да може да го кријат и премолчат повеќе овој криминал, веќе ќе биде предоцна – напиша Арсовска на „Фејсбук“.
Во Регулаторната комисија за домување прашавме кој е надлежен да контролира дали лимовите на покривите се поставени како што треба и дали се согласно со проектот. Оттаму ни одговорија дека општински инспектор за домување е надлежен да провери дали надзорот и изведувачот на градбата го имаат ставено лимениот кров во градежната книга и дали било постапувано по неа.
Прашавме и во општина Ѓорче Петров каде што во саботата летна лимениот кров и оттаму првично ни посочија дека немаат инспектор за домување, но дека ќе ни достават информација дали постапувал градежниот инспектор, но до затворање на весникот не добивме одговор. Останува само уверувањето што од Општината го напишаа на „Фејсбук“ во саботата дека „граѓаните можат да бидат уверени дека ќе ја имаат потребната поддршка и дека институциите остануваат целосно посветени на заштита и безбедност на населението“.
Низ Скопје како да стана практика станарите кои живеат во постари згради да го препокриваат покривот обложен со салонитни плочи, со лимови. Но, лимови летаат и од новоградбите.
– Сакам да извршам промена (се разбира, тоа е по барање на станарите) на стариот кров на зграда која е од 60 години и е обложена со азбестни плочи. Кровот има околу илјада квадрати и заинтересиран сум за материјал за кров кој ќе биде квалитетен и да не е многу скап. Како материјал за кровот може да послужат ќерамиди или пластифициран лим. Консултирав фирма и ми кажаа дека за поставување ќерамиди ќе ни требаат греди и нивна монтажа и таа варијанта е доста поскапа од монтирањето на плочи од лим кои само се зашрафуваат врз салонитните плочи – вели еден станар на зграда во Скопје.
Тој нагласи дека освен цената, лимениот покрив има и други предности во споредба со традиционалните направени од ќерамиди или бетон. Како прво, тој е лесен затоа што тежи само околу 7 кг/м2 во споредба со класичните кои се 40-70 кг/м2.
– Тој е многу отпорен на временски непогоди. Ако е направен од висококвалитетна легура, ќе има долг век на траење бидејќи не е порозен и не замрзнува. Животниот век на лимениот покрив зависи и од корозија. Цинкот скоро и да не кородира, но со текот на времето се лупи и потоа ‘рѓосува побрзо од челикот. Затоа, во денешно време најмногу се препорачуваат оние изработени од легура на алуминиум и цинк – поцинкуван лим, лим од цинк, лим од бакар и олово и чист профилиран алуминиум. Пред да купите, внимателно проверете го потеклото на материјалот како и неговиот состав, бидејќи доколку се користи рециклиран метал, тој содржи различни нечистотии кои предизвикуваат негово побрзо расипување; ако е чист, тогаш таквиот лим е поиздржлив. Сите овие се причините поради кои луѓето во денешницата сè повеќе избираат лимени покриви при градење или реновирање на куќи – нагласуваат од една фирма која се занимава со монтирање на лимени покриви.
(С. Бл.)