Лилјана Ристова, Македонка која веќе 36 години живее и работи во Торонто – Канада, е родена во Гевгелија. Во 1989 година заминала во Канада, од Белград, каде што претходно работела во претставништвото на „Винојуг” од Гевгелија. Студирала филологија на Филолошкиот факултет во Белград, на групата Југословенска и светска книжевност. Зборува неколку странски јазици. Ристова отсекогаш била љубител на пишаниот збор, а преку нејзиниот весник „Македонски вести“ се обидува да ги зближи Македонците независно каде и да се наоѓаат. На ова го учи и својот син Јордан. Носталгијата кон татковината, роднините и пријателите што ги има во Гевгелија и во Македонија, е постојано вгнездена во нејзиното срце, и тоа секогаш ја поттикнува да се враќа во родната грутка, меѓу своите луѓе, кај нејзините гевгеличани. Канадско-македонскиот весник „Македонски вести“, во Торонто, Канада, кој таа го уредува, оваа година слави 25 години од своето постоење. Тоа е и поводот за ова интервју за весникот ВЕЧЕР.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Родена си во Гевгелија, живееше во Белград, а веќе 36 години си во Канада. Како замина таму и каква беше првата средба со оваа голема земја?
– Во Канада заминав пред почетокот на кризата во Југославија. Мојата семејна ситуација беше тешка, но не можев да дојдам во Гевгелија зашто моето дете имаше само една година, а родители ми беа одамна починати. Почетокот во секоја нова земја е многу тежок. Да дојдам во Канада ми помогна мојата школска другарка Вида Диневска, но по извесно време морав да се снаоѓам сама. Поминав низ голгота, но ги издржав сите предизвици.
Во 2000 година излезе првиот број на канадско-македонскиот весник „Македонски весник“, единствен весник на американскиот континент, кој ти го уредуваш веќе 25 години. Како се реши да издаваш весник и што те поттикна на тоа?
– Веднаш по моето доаѓање во Канада сфатив дека Македонците овде се слабо информирани, како за Македонија, така и за македонските заедници во светот. Првиот број на „Македонски вести“ излезе во 2000 година, во Торонто, во месец ноември, на почетокот само на македонски јазик, но брзо сфатив дека со тоа не ги задоволувам потребите на сите Македонци. Затоа донесов решение сите текстови да ги објавувам преведени и објавени и на англиски јазик. Како уредник и издавач на еден македонски весник, на почетокот, најмногу простор им посветував на настаните во нашата заедница, како што се разни прослави во македонските цркви, културни настани и разни други слави и традиции. Посебно се радувам на средбите со Леринското македонско културно друштво, кои се организираат неколкупати во годината.
Но, желбата да направам уште повеќе за Македонија беше толку голема што станав и водител на македонската ТВ-програма во Торонто, како и член на Македонското меѓународно движење за човекови права во Канада. Како член на ова движење патував во Пиринска Македонија, а и сега одржувам редовен контакт со новиот претседател на ОМО Илинден, Кирил Тилев. Патував и во Лерин, егејскиот дел на Македонија, каде што се сретнав со раководството на Виножито, правев интервјуа за весникот со Павле Филипов Воскопулос и со други членови на раководството. Во Лерин го запознав и Пандо Ашлаков, сегашен градоначалник на познатото македонско патриотско село Овчарени. Среќна сум што ги запознав овие прекрасни луѓе, големи македонски патриоти. За сите овие години имам направено повеќе интервјуа со познати политичари и културни работници.
Какви содржини нуди овој весник на нашинците кои живеат не само во Канада туку и во целата дијаспора, каде и да се?
– Весникот редовно го испраќам на читатели во Македонија, Шведска, Германија, Турција, Албанија, Соединетите Американски Држави, како и во пиринскиот и егејскиот дел на Македонија. Весникот нуди информации за Македонците во Канада, но информации и за Македонците во Мала Преспа, Албанија, зашто контактирам со уредникот на весникот „Илинден“, Никола Ѓурѓај, за активностите на Македонците во Пиринска Македонија, за Македонската заедница „Кочо Рацин“ во Белград, Србија, чиј претседател е Лидија Демниева. Речиси во секое издание имам страници за Македонците во сите делови на разединета Македонија.
Посебно е важно што имам и текстови поврзани за православната религија напишани од нашиот свештеник Митко Попоски, кој на почетокот на својата посветеност на Бога, од 1979 година до 1988 бил свештеник во Богданци. Повремено објавувам одлични текстови и од мојот братучед Тодор Петров.
Последниве десетина години многу големо внимание во весникот почнав да посветувам на многувековната македонска историја од која сум фасцинирана. Преку неа ги најдов одговорите на сè што се случувало во Македонија, научив многу за големината на некогашната македонската цивилизација. Имам пријател од Индија, Хардев Синг, кој се декларира како Македонец, потомок на ранетите и болни македонски војници, кои останале да живеат на тие простори. Од него слушнав чудесни нешта за освојувањата на Александар Македонски.
Сметам дека секој Македонец треба да ја познава македонската античка историја, која е корен и основа на нашата држава и на нашиот идентитет. Можеби големата желба да ја проучувам македонската историја, да научам зошто ни се направени најстрашните злочини во светот, е фактот што мојот дедо Димитар Мито Петров беше бегалец од грчкиот геноцид, од село Смол, Егејска Македонија. Уште како мала слушав за ужасите низ кој поминал, бегајќи од родното место. И ден-денес ја чувствувам неговата болка.
Зошто текстовите во весникот се на македонски и на англиски?
– „Македонски вести“ не е весник само за Македонците од Република Македонија, туку е весник за сите Македонци, за цела Македонија без граници. Во егејскиот дел, Грците го забранија македонскиот јазик наскоро по Првата светска војна, што значи ги забранија и школите на македонски. За еден изговорен македонски збор децата, а и постарите добивале ќотек, биле измачувани. Дали знаете дека голем дел од македонските бегалци од егејскиот дел дури и овде, во Канада, се плашат од Грците? Македонците се толку измачувани, стравот им е влезен во коските, како што вели нашиот народ. Дури и на гробовите тие се плашат да си го напишат македонското име и презиме. Но, еден поголем дел од Торонто се вика Македонско Село, во кое живеат илјадници бегалци од Егејска Македонија. Ете зошто решив да го издавам весникот и на англиски јазик, за нашиот народ од Егејска Македонија, но и за децата кои се родени тука, а нивните родители не ги научиле да го зборуваат мајчиниот јазик. Еден прекрасен човек и голем патриот, Ристо Стефов, ги преведува текстовите од македонски на англиски јазик, оние кои се напишани од мене, но и оние што ги добивам. Стефов потекнува од егејското село Ошчима, Леринско. Сакам да ја нагласам и помошта што ја добивам од мојот син Јордан, од Јован Поп Димитров, син на сестра ми Славица и Вида Диневска, која ми праќа рецепти за страницата Македонско готвење.
За мене лично голема радост претставува Македонскиот филмски фестивал во Торонто, кој оваа година го прославува својот 20-годишен јубилеј. Директор на фестивалот е Вирџинија Еванс.
Се интересираат ли нашите Македонци во Канада за она што се случува во Македонија?
– Македонците во Канада сакаат да знаат што се случува во Македонија, но, морам да речам, за жал, се чини дека самата држава Македонија речиси воопшто не се интересира за нас, македонските иселеници.
Како се гледа меѓу нашите во Канада на фактот што чекаме 30 години на влез во Европа, на условот на Бугарија за наш влез во европското семејство, како и на политичката разединетост меѓу македонскиот корпус во нашата држава?
– Тоа предизвикува негативни реакции кај иселениците. Но во која смисла? Повеќето Македонци овде сметаат дека на Македонија не ѝ треба Европа, која непрекинато нè понижува и омаловажува, а истите нè поделија по Балканските војни за да нè ослабнат. Што се однесува до Бугарија, таа сака да го искористи својот момент и да нè уценува, не признавајќи ги македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската историја. Знаеме дека Бугарија самата не може да ни наштети, без помош од некои западноевропски сили, посебно Германија, како нејзина креација Но, нас овде нè загрижува фактот што постои голема разединетост помеѓу политичките партии таму во Македонија. Би рекла дека македонското иселеништво е најмногу огорчено заради промената на многувековното име на Македонија, од страна на поранешната влада.
Членка си на „Обединети Македонци“, па да те прашам, дали и иселениците „болуваат“ од ваквата разединетост?
– Да, Македонците и овде, во Канада, патат заради разединетоста, но пак ќе се вратам на истото. Тоа е резултат на нашите делби. Но сепак сите со голема радост присуствувавме на традиционалниот Илинденски пикник во паркот на организацијата Обединети Македонци на кој присуствуваше Васил Стерјовски, претседател на единствената македонска политичка партија во Албанија, Македонската алијанса за европска интеграција.
Дали има заинтересираност меѓу македонските бизнисмени во Канада за вложување во Македонија, и колку е влијателно македонското лоби таму?
– Верувам дека постои заинтересираност меѓу македонските бизнисмени во Канада за вложување во Македонија. За жал, познатите бизнисмени како Стив Ставров, Џон Битов, Мајкл Илич, се веќе починати, а нивните наследници не ја познаваат добро политичката и економската ситуација во Македонија и, се разбира, се скептични да вложуваат во една нестабилна држава, без разлика што се работи за Македонија. Македонското лоби во овој момент е многу слабо, пред сè заради индивидуализмот на поединци, што не ни дозволува да се обединиме и да работиме заедно.
Тешко време е за издавање на весник, како Лилјана се снаоѓа за да го отпечати „Македонски вести“?
– Точно е дека ова е тешко време за издавање на весник, економската ситуација во Канада драстично се влошува, но јас им благодарам на сите мои спонзори, пред сè на македонските православни цркви во Торонто, Маркам, како и во Ејџакс. Им благодарам за донациите и за рекламите на неколку поединци, пред сè на Митко Роштанковски, кој го поддржува весникот од самите почетоци.
Имаш добиено неколку награди за твојата работа, која од нив ти е најдрага?
– Да, имам добиено неколку награди за издавање на весникот, но најдрага ми е Благодарницата што ја добив од македонскиот генерален Конзулат во Торонто за особен придонес во зачувување на македонскиот литературен јазик, култура и традиција. Генерален конзул тогаш беше д-р Јовица Палашевски, на кого вечно ќе му бидам благодарна.
За мене, дома е само Гевгелија
Те мачи ли носталгијата, и дали би се вратила да живееш во својата родна Гевгелија?
– Носталгијата кон татковината, роднините и пријателите што ги имам во Гевгелија и во Македонија е постојано вгнездена во моето срце, и тоа секогаш ме поттикнува да се враќам во родната грутка, меѓу своите луѓе, кај моите гевгеличани. Најголем проблем што нè спречува да се вратиме засекогаш во Македонија се нашите деца и внуци, од кои многумина се родени или пораснале во Канада. Сепак, барем за мене, ДОМА е само Гевгелија. Канада никогаш не ја почувствував како своја земја, свој дом. Горда сум што сите овие години, во Канада, ја исполнувам мојата мисија да го популаризирам пишаниот македонски збор во Канада, и да ги запознавам Македонците со сето она што се случува во нивната татковина.