Ликовните творби на основците од „Лазо Трповски“ и од „Христијан Тодоровски Карпош“ изложени во Њујорк

1

Десет четвртоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“, учествуваа на 28. меѓународен ликовен натпревар „Пријатели на мирот 2025“, кој се одржа годинава (од јуни до август) во Њујорк, САД.

Во возрасна категорија од 8-10 години, основците од Карпош 3 кои беа предводени од одделенската наставничка Ирена Грегориќ и предметниот наставник Стефан Симовски, ги испратија своите свои ликовни творби на овој престижен натпревар.  Заедно со нив, 26 второодделенци во возрасната категорија од 5 до 7 години од ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“, предводени од наставничките Владанка Д. Миче, Благица Топалова, Маја Јанковска Цакиќ и Катерина Јаневска Дочинска, исто така учествуваа на натпреварот со свои ликовни творби.

Темата на годинашниот ликовен натпревар, во чии рамки учествуваа повеќе од 4.000 деца од 100 земји, носеше наслов „Слобода“. Основното училиште „Лазо Трповски“ петти пат едноподруго учествува на овој реномиран натпревар, додека, пак, ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ годинава првпат учествува на овој реномиран натпревар.

Овој глобален проект кој изминативе 28 години се реализира под покровителство на УНИЦЕФ, се организира по повод Светскиот ден на детето 20. ноември.

– Овој глобален настан се одржува во насока на поттикнување на свеста кај децата ширум светот (на возраст од 5 до 16 години) за креативно изразување. Оваа меѓународна програма има за цел да ги мотивира децата, преку креативни активности да бидат посветени кон промовирање на мирот и создавање иднина во која ќе владеат хармонија и меѓусебно разбирање – соопштија од Општина Карпош.
Ликовните творби и на учесниците ООУ „Лазо Трповски“ ќе бидат изложени на светската изложба која е планирано следната година да се одржи во САД и Канада за време на одржувањето на Светското првенство во фудбал, летото во 2026 година.

 

 

ИЗДВОЕНИ