Полицијата во Лихтенштајн истражува трагичен случај откако во среда беа пронајдени безживотните тела на четири члена од исто семејство. Шокантниот настан што го потресе малото алпско кнежевство започна со откривање на тело на брегот на Рајна, а подоцна доведе до уште пострашно откритие во стан во Вадуц, објавува „Ројтерс“.
Сè започна во среда наутро, околу 10:30 часот, кога телото на 41-годишен маж беше пронајдено на швајцарската страна од бреговите на реката Рајна, недалеку од главниот град на Лихтенштајн, Вадуц. Според соопштението на швајцарската полиција, причината за смртта не беше јасна во тој момент.
Подоцнежните проверки и истрага ги одведоа полицајците во стан во Вадуц. Таму ги открија телата на уште три лица: 73-годишен маж и две жени на возраст од 68 и 45 години.
Според првите резултати од истрагата, полицијата на Лихтенштајн верува дека станува збор за родители и сестра на 41-годишникот чие тело беше пронајдено прво. Портпаролот на полицијата изјави дека причините за смртта на трите лица пронајдени во станот сè уште се утврдуваат.
Одделот за кривични истраги на државната полиција ангажираше голем број службеници за овој случај. „Истрагата се спроведува во сите правци“, се вели во официјалното полициско соопштение. Тие исто така нагласија дека „нема опасност за јавноста“.












