Изградбата на првиот маркет на „Лидл“ во Гевгелија ќе донесе нови работни места и ја зајакнува соработката со домашните производители, со што се стимулира локалната економија. Маркетот ќе биде модерен и енергетски ефикасен, со удобен простор за купувачите и квалитетна работна средина за вработените. Компанијата ги потврдува своите долгорочни инвестиции во Македонија и отвора можности за извоз на македонски производи на меѓународниот пазар. Градоначалникот истакнува дека оваа инвестиција го зголемува развојниот потенцијал на Општината и ја зголемува атрактивноста за потрошувачите и за нови инвеститори
Германскиот малопродажен синџир „Лидл“, денеска, во Гевгелија го постави камен-темелникот на својот прв маркет во најјужниот град во државава, како дел од својот долгорочен инвестициски план во Македонија.
Маркетот ќе се протега на површина од 2.356 квадратни метри, со продажен простор од 1.507 квадратни метри, додека 130. Паркинг- места ќе овозможат удобно и практично пазарење на потрошувачите. Компанијата планира објектот да биде современ, светол и просторен, изграден од еколошки материјали и со фокус на енергетската ефикасност, обезбедувајќи пријатно искуство за купувачите и квалитетна работна средина за вработените.
Гоце Гаврилов, директор за недвижности во „Лидл Северна Македонија“, нагласи дека секоја нова инвестиција има пошироко економско и општествено значење, со отворање нови работни места и соработка со домашните производители. Тој посочи дека преку продажната мрежа на „Лидл“ за 2025 година е остварен извоз на македонски производи во вредност од 15,5 милиони евра, што дополнително ја зајакнува економската поврзаност на локалните компании со меѓународниот пазар.
– Со почетокот на изградбата на маркетот во Гевгелија, продолжуваме со стратегијата за ширење на продажната мрежа и за долгорочно инвестирање во земјата. Секоја нова инвестиција на „Лидл“ има пошироко економско и општествено значење за локалната заедница и за националната економија со отворањето нови работни места и со соработката со домашните производители – рече Гаврилов и додаде дека компанијата има одлична соработка со институциите на локално и на централно ниво, која се надева ќе продолжи и во иднина.
Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека инвестицијата на „Лидл“ е значаен чекор за развојниот потенцијал на Општината, со придонес за нови можности за вработување, зголемување на локалната економија и збогатување на понудата за потрошувачите.
– Гевгелија е меѓу првите градови во кои почнува изградба на маркет на „Лидл“, инвестиција што дополнително ќе ја засили атрактивноста на нашата општина. Таа ќе придонесе за нови можности за вработување, за зајакнување на локалната економија и за збогатување на понудата за потрошувачите. Убеден сум дека успешно ќе продолжи соработката со „Лидл“ и во идниот период – изјави Сарамандов.
„Лидл“ е дел од групацијата „Шварц“, со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Европа, со околу 12.600 маркети и над 382.000 вработени во 31 држава. Со отворањето на маркетот во Гевгелија, компанијата ја потврдува определбата за долгорочно инвестирање во земјава и за унапредување на локалната економија.
(Љ. А.)












