Лидерска на повидок – Филипче со конкретни предлози, Мицкоски со повик за обединување

Обединување за Европа или нови поделби? Јавноста во очекување што ќе донесе волјата за лидерска средба што ја најави лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека денеска ќе излезе со конкретен предлог за лидерска средба на најголемите политички партии, откако и премиерот Христијан Мицкоски испрати порака за помирување и обединување во интерес на националните интереси. Лидерите ќе имаат тешка задача да ја вратат довербата на граѓаните во лидерската средба како инструмент, особено затоа што јавноста ги доживува овие средби како театар и затворени разговори меѓу партиските лидери, кои ја узурпираат дебатата што треба да се води во Собранието, а не во тесен круг на политички елити. Сепак, во услови кога е јасно дека не е можна таква конструктивна дебата во законодавниот дом, оваа иницијатива се смета за клучен тест на политичката волја, прозорец на надеж за надминување на поделбите и за обезбедување стабилна и европска иднина за Македонија

755

Повици за национално единство и заедничка акција пред клучните предизвици за државата доаѓаат од лидерите на двете најголеми политички партии во земјава. По серијата критики за нетранспарентност околу новиот заем од Велика Британија и зголемените политички тензии, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека утре ќе излезе со конкретен предлог за лидерска средба на најголемите политички партии. Истовремено, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Свечената академија по повод Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, испрати порака дека сите партии мора да се обединат кога се во прашање националните интереси и одбрана од надворешни влијанија. Оваа иницијатива се смета за клучен тест на политичката волја за надминување на поделбите и за обезбедување стабилна и европска иднина за Македонија.

Предлог дневен ред

Филипче истакна дека СДСМ е подготвен за конструктивен дијалог и заедничка работа на клучните државни прашања, особено во контекст на евроинтеграциите. Тој најави дека на состанокот на Националниот совет за евроинтеграции ќе предложи конкретен дневен ред за лидерска средба, со јасна цел – постигнување национален консензус за реформите, за унапредување на животот и за откочување на европскиот пат на Македонија.

-Веќе во понеделник ќе дадам конкретен предлог за што треба лидерите на најголемите политички партии да разговараат, затоа што јасни се пораките од ЕУ. Додека чекаме и не правиме ништо е губење време. Младите тоа го гледаат единствено како стимул за иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа иднината тука во Македонија ако ние не го откочиме тој евроинтегративен пат, изјави Филипче.

Лидерот на опозициската СДСМ остро ја критикува Владата за новиот договор со Велика Британија, посочувајќи дека партијата не е запознаена со клучните детали од заемот, како што се рокот на отплата и каматната стапка. Опозицијата бара одговори и предупредува на сериозни последици, додека Владата уверува дека средствата ќе бидат вложени во развојни проекти. Филипче оцени дека ваквиот финансиски аранжман ќе го оптовари јавниот долг и ќе ги задолжи идните генерации, нарекувајќи го „данок на иднината“.

-Практично со тоа се задолжуваат повеќе следни генерации. Министерката за финансии нема одговор на тие прашања. Еднакво е неодговорно и да не знае и доколку ги крие. Сметам дека со овој кредит за кој не знаеме никакви детали, оваа Влада воведува данок на иднината, изјави Филипче.

Политичката неизвесност дополнително се засилува со коалициските поместувања и претстојните локални избори.

Единство пред надворешните фактори

Во обраќањето на Свечената академија, премиерот Мицкоски, пак, испрати порака за национално обединување, подвлекувајќи дека кога се работи за стратешките интереси на државата, сите политички разлики мора да се стават на страна.

-Кога се во прашање националните интереси, мораме да бидеме обединети и да покажеме зрелост пред сите надворешни фактори. Само така можеме да ја заштитиме Македонија и да обезбедиме стабилна иднина за сите граѓани, порача Мицкоски.

Очекувањата се дека на најавената лидерска средба, главни теми ќе бидат откочување на евроинтегративниот процес и исполнување на европските препораки, национален консензус за уставните измени и реформската агенда, заеднички настап пред меѓународната заедница и отпор кон надворешните притисоци, како и потребата од транспарентност и отчетност во носењето на крупни одлуки, како што е новиот заем од Велика Британија.

Најавената лидерска средба, поддржана со конкретен предлог од СДСМ и со порака за обединување од ВМРО-ДПМНЕ, иако вонинституционален механизам за решавање на политички кризи и клучни државни прашања, може да стане пресвртница во македонската политика. Јавноста бара одговорно лидерство и конкретни резултати од политичките елити.

Граѓаните очекуваат политичките лидери да ја искористат шансата за вистински консензус и напредок, иако дел од јавноста ги доживува овие средби како затворени разговори меѓу партиските лидери, кои ја узурпираат дебатата што треба да се води во Собранието, а не во тесен круг на политички елити. Сепак, во услови кога е јасно дека не е можна таква конструктивна дебата во законодавниот дом, оваа иницијатива се смета за клучен тест на политичката волја прозорец на надеж за надминување на поделбите и за обезбедување стабилна и европска иднина за Македонија. (В.С.Н.)   

ИЗДВОЕНИ