Лидерот на Северна Кореја Ким ја потврди поддршката за Русија во војната во Украина

157
Фото:википедија

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, потврди дека Пјонгјанг „безусловно ги поддржува“ сите потези на руското раководство за решавање на основната причина за „кризата“ во Украина, објавија севернокорејските државни медиуми, пренсе „Хина“.

Ким ги даде коментарите за време на средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во градот Вонсан во саботата, објави државната новинска агенција КЦНА. Рускиот министер пристигна вчера на тридневна посета на Северна Кореја, земја која веќе ѝ обезбеди на Москва значителна воена помош во војната со Украина.

Според државната новинска агенција на Северна Кореја, Ким му рекол на Лавров дека потезите што ги преземаат двете сојузнички земји како одговор на радикалните промени во глобалната геополитика значително ќе придонесат за обезбедување мир и безбедност низ целиот свет.

„Ким Џонг Ун потврди дека ДНРК (Демократска Народна Република Северна Кореја) е подготвена безусловно да ги поддржи и охрабри сите мерки што ги презема руското раководство поврзани со решавање на основната причина за украинската криза“, соопшти КЦНА.

Во Вонсан, Лавров претходно се сретна со севернокорејскиот министер за надворешни работи Чое Сон Хуи, а по состанокот, министрите издадоа заедничка изјава според која ветија дека двете земји ќе го штитат националниот суверенитет и територијалниот интегритет една на друга, пренесува „КЦНА“.

Според извештаите на руските медиуми од саботата, на состанокот со севернокорејскиот лидер, Лавров го опиша односот меѓу двете земји како „непобедливо воено братство“, додека му се заблагодари на Ким за војниците што ги испрати во Русија.

Односот меѓу Русија и Северна Кореја значително се продлабочи во текот на последните две години од војната во Украина, која започна во февруари 2022 година. Пјонгјанг испрати повеќе од 10.000 војници и оружје во Русија за да ја поддржи Москва во нејзината воена кампања.

Владата на Ким вети дека ќе испрати околу шест илјади воени инженери и градежници за да помогнат во обновата на рускиот Курски регион.

ИЗДВОЕНИ