
Лидерите на Г20 денес усвоија завршна декларација на нивниот самит во Јоханесбург, повикувајќи на решавање на глобалните конфликти, реформирање на Обединетите нации и Светската трговска организација (СТО) и зајакнување на синџирите на снабдување со критични минерали.
„Се стремиме, водени од целите и принципите на Повелбата на ООН како целина, да работиме кон постигнување праведен, сеопфатен и траен мир во Судан, Демократска Република Конго, окупираната палестинска територија и Украина, како и прекинување на други конфликти и војни низ целиот свет. Само преку мир ќе постигнеме одржливост и просперитет“, се вели во соопштението, соопшти „РИА Новости“, која ја виде декларацијата.
Лидерите особено ја нагласија потребата од реформа на Советот за безбедност на ООН, повикувајќи на негово проширување за да вклучи претставници на недоволно застапените региони, вклучувајќи ја Африка, Азиско-пацифичкиот регион и Латинска Америка и Карибите.
Во декларацијата се нагласува дека реформата треба да им овозможи на членките на ОН да постигнат заеднички цели, додека соработуваат во рамките на глобалното управување, вклучително и реформата на Светската трговска организација (СТО).
Во врска со СТО, лидерите оценија дека е неопходна сеопфатна реформа за организацијата подобро да им служи на интересите на сите членови и да се обезбеди дека придобивките од трговијата ќе стигнат до сите сегменти на општеството, пренесува „Танјуг“.
На самитот, исто така, беше поддржана глобална иницијатива за проширување на потрагата по критични минерали и зајакнување на нивните синџири на снабдување, што се смета за клучно за стабилноста на индустриските и технолошките сектори.
На состанокот особено беше нагласена улогата на Јужна Африка како домаќин, додека европските земји ја искористија можноста да разговараат за мировниот план на САД за Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп го бојкотираше самитот, наведувајќи го како причина „угнетувањето на белото население на Јужна Африка“.
Сепак, беше постигнат договор за конечниот текст на декларацијата, кој беше усвоен на почетокот на состанокот, на иницијатива на јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса.
Сите седници и билатерални состаноци се одржуваат зад затворени врати, без присуство на медиумите.











