Лидерите на Европската унија (ЕУ) побараа од Европската комисија да истражи начини за финансирање на Украина во следните две години, оставајќи ја вратата отворена за воспоставување заем врз основа на замрзнати руски средства, изјавија неколку дипломати за „АФП“.
Предлогот е намерно формулиран во широка смисла за да се земат предвид силните резерви на Белгија за ова прашање.
Договорот е постигнат по неколкучасовни преговори и ќе биде на дневен ред на следниот европски самит во декември, соопштија дипломатски извори.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази надеж претходно денес дека ЕУ ќе донесе „позитивна одлука“ за користење на замрзнатите руски средства на нејзина територија за финансирање на заем од 140 милијарди евра за Украина.
ЕУ сака да искористи дел од овие средства за финансирање на својата поддршка за Украина во следните две години, но се соочува со отпор од Белгија, каде што поголемиот дел од средствата, во сопственост на руската централна банка, се замрзнати.












