– Изложбата му е посветена на човекот, на сите оние што се маргинализирани во овој глобален свет и што патат поради таа глобализација. Секое тежнеење на една единка карактерно да се изрази е преку самоспознание. Ова е и порака до целото човештво: да се сетат на самите себе – вели авторот на изложбата „Лица“, која од вчеравечер е отворена во „Мала станица“. Тој истакнува дека делата од изложбата се чин на емпатија и бунт – визуелно сведоштво за луѓето што искрено се обидуваат да живеат, да останат луѓе среде корупцијата и хаосот

 

Во галеријата „Мала станица“ во Скопје од вчеравечер е отворена изложбата „Лица“ на македонскиот академски уметник Ангел Коруновски. Комплексната поставка од педесетина импозантни дела, кои вклучуваат скулптури, цртежи и слики, беа доволен предизвик за да ја проследат љубителите на уметноста со огромен интерес.

– Изложбата е составена од три дела, првиот, како увертира, е монументалната скулптура и патот до неа. Намерно донесов монументална скулптура, која е јавна, но во галеријата таа има сосема друга конотација, естетска и уметничка. Ние ја доживуваме сосема поинаку, како историски момент или визура. Меѓу другото, имаме и еден интересен спој меѓу реципиентот и самото уметничко дело, комуникација што остава траен белег и експресија што е многу битна и моќна. Вториот дел се портрети на историски личности, а работени се со цел да бидат естетски портрети. Сакав да навлезам во нивните карактери и да ги изразам преку една специфична експресивна моделација, која е препознатлива за мене. Тука се развија и некои цртежи. Значи, таа моделација ме натера да истражувам во цртежот – објасни Коруновски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додаде дека самата моделација е нешто што избегнува од самата форма, што, пак, го натерало да навлезе во сликарството, но не во класичното, туку во сликарството во кое „има акција и реакција, енформалистички пристап, но со лица како појдовна точка“.

На нашето прашање, пак, што била главна инспирација за создавањето на делата за оваа изложба, Ангел Коруновски ни одговори: „Изложбата му е посветена на човекот, на сите оние што се маргинализирани во овој глобален свет и што патат поради таа глобализација. Јас сум од една средна генерација и како млади тежнеевме да бидеме во бендови, театарски ансамбли… беше престиж да се биде битен во општеството. Сега, на младите воопшто не им е битно тоа или многу малку го чувствуваат, чест на исклучоците. Бидејќи имам двајца синови и согледувајќи како растат младите, заслепени од самиот Интернет и од брзата информација, морав да ја направам изложбата. На младите им недостига ритуалот време и искуство, кое ние сме го стекнувале многу бавно, но темелно. Тие, пак, го добиваат веднаш, што е многу лошо, бидејќи сè уште се немаат самите пронајдено. А, секое тежнеење на една единка карактерно да се изрази е да се самоспознае. Затоа ја посветив изложбата на тие луѓе што треба да се самоспознаат“.

Или како што истакнува, пораката до целото човештво е да се сетат на самите себе.

– Овие дела се чин на емпатија и бунт – визуелно сведоштво за луѓето што искрено се обидуваат да живеат, да останат луѓе среде корупцијата и хаосот. Тие стојат како сведоци на тивкото достоинство, потсетувајќи нè дека зад секој фрагмент од вестите и зад секој глобален наратив постои вистинско лице, вистински живот и невидена вистина под површината на модерната бучава – вели авторот.

Кураторот на изложбата, Горанчо Ѓоргиески, пак, посочи дека поставката е работена како некој надреален филм во кој се почнува од средината за да се заврши со почетокот.

– Се потрудивме да ги прикажеме сите тие ликови како што се зографите Михаил и Евтихи, професорот Васил Василев, мајката на авторот… кои биле лицата што го воделе низ животот. Но, Ангел ни зборува за денешницата, за сите оние контроверзии на денешницата и, како што кажав, филмот започнува со средината, а завршува со почетокот, т.е. со протестот на сите оние лица што живеат во оваа денешница – вели Ѓоргиевски.

Инаку, дел од претставените скулптури се изработени од полиестер, а дел од технологијата на моделирање и леење на фигурите е во некој вид гума. Во сликарството, пак, е користена комбинирана техника.

Инаку, Ангел Коруновски учел во државното средно училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот за скулптура, во 1998 година, а во 2003 дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, каде што во 2012 година завршил постдипломски студии на тема „Патот на цртежот до современата фигурација“.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до средината на февруари. (Д. Т.)

Фото: ВЕЧЕР

 

ИЗДВОЕНИ