ЛЕВИЦА ВЛЕГУВА ВО ТРКАТА ЗА СКОПСКИ ГРАДОНАЧАЛНИК – ШЕСТМИНА КАНДИДАТИ ЗА ПРВАТА ФОТЕЛЈА НА МЕТРОПОЛАТА: Може ли клучот на Градот да се добие во првиот круг?

997
Golden key and puzzle

Актуелниот пратеник на опозициската партија Левица, Амар Мециновиќ, е нов кандидат за скопски градоначалник на претстојните октомвриски локални избори. Тоа е објава за шеста кандидатура досега, откако претходно своето учество во трката го потврдија Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Каја Шукова од СДСМ, Скендер Реџепи како претставник на коалицијата предводена од ДУИ, Башким Бакиу од „Вреди“, а граѓанската иницијатива „Независни заедно“ неодамна најави дека наскоро ќе го соопшти името на својот фаворит. Сето тоа го отвора прашањето дали уште во првиот круг ќе се знае победникот на трката за прв човек на македонската метропола или, пак, ќе мора да се оди на ново гласање, за четиринаесет дена, на 2 ноември. Политичките аналитичари укажуваат дека бројот на кандидати не е најважен фактор за тоа дали ќе има два круга на гласање.

Мециновиќ, кој е актуелен пратеник во македонското Собрание, а претходно три години беше советник во Советот на Град Скопје, денеска соопшти дека ќе ја бара довербата кај скопјани преку понуда на три клучни приоритети.

– Ние ќе ги актуализираме работите што никој нема храброст и интерес да ги актуализира. Актуелниот Совет на Скопје е најдисфункционалниот совет во историјата на Градот Скопје. Наш клучен приоритет и агенда што ќе ја понудиме ќе биде подобрувањето на јавниот превоз преку набавка на нови автобуси. Уште во 2022 година предупредувавме дека се движиме кон социјална катастрофа и дека е потребно обновување на превозот со набавка на нови автобуси. Потребна е и оптиматизација на линиите, но и нови модели на јавен превоз. Второ, ќе се осврнеме кон хуманизација на урбанизацијата и кон подобрување на градската чистота во рамките на темата за ГУП, кој треба да биде донесен во Советот на Скопје. И најпосле, борба со загадениот воздух – потенцира Мециновиќ, кој очекува влегување во вториот изборен круг.

Инаку, партискиот лидер, Димитар Апасиев, рече дека на овие избори Левица ќе настапи сама како партија.

– За вториот круг и за натамошна соработка, стоиме на располагање со идеолошки сродни партии. Изборите ги исчекуваме како пресметка во левиот политички спектар, затоа што сакаме, конечно, да се позиционираме како антипод на десничарската ДПМНЕ и на еден начин да го истиснеме историски надживеаниот СДСМ – објасни Апасиев, додавајќи дека досега имале коректна соработка со независните кандидати.

Мециновиќ не е единствен учесник на изборната трка што очекува влегување во изборната трка и влез во вториот круг на изборите. Но, тоа ќе зависи од гласовите на граѓаните. На локалните избори во Градот Скопје, пред четири години, беа регистрирани 467.373 гласачи. Според Изборниот законик, победник во првиот круг е оној кандидат што ќе добие мнозинство гласови од избирачите што излегле на гласање, но излезноста треба да изнесува најмалку една третина од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список за соодветната општина. Ова значи дека во најминимални услови со излезност од само една третина на запишаните избирачи во Скопје, за победа во првиот круг на некој од кандидатите ќе бидат потребни околу 78.000 гласа на скопјани.

Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, уште пред неколку недели објави дека очекува победа уште во првиот круг од изборите.

– За сите нас е многу важно ВМРО-ДПМНЕ да победи во Градот Скопје. Верувам во силна поддршка од граѓаните и ќе дадам сè од себе да се валоризира таа поддршка и да имаме сериозна победа во првиот круг за Градот Скопје – рече тој во едно телевизиско интервју, по објавувањето на својата кандидатура.

Но подоцна, без меѓупартиски договор и консултации со ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство, објави дека го кандидира Башким Бакиу. Набрзо и ДУИ одговори со кандидирање на Скендер Реџепи, со што стана јасно дека, во првиот изборен круг, гласовите на етничките Албанци од Скопје ќе одат на контото на овие две спротивставени групации. Неодамна, и граѓанската иницијатива „Независни заедно“ најави свој кандидат, со што претендира на гласовите на умерените и на неопределените граѓани. Левица, пак, вчера објави дека очекува гласови од припадниците на младата генерација што не излегуваат често на избори. Најголемата опозициска партија, СДСМ, пак, смета на своите традиционални гласачи. Сето тоа укажува дека доаѓа под прашалник нечија победа во првиот изборен круг.

Александар Ристевски, политички аналитичар, вели за ВЕЧЕР дека неколку фактори ќе решат дали ќе има победник во првиот круг.

– Излезноста, реториката во кампањата и самата програма на кандидатите ќе детерминираат дали ќе биде готово сè по првиот круг или кандидатот на ВМРО ДЛМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе треба да има соочување во вториот круг. Бројот на кандидати не значи по дифолт разделување на гласовите, туку само поголема понуда. Сепак, локалните избори не се парламентарни, а понудата на нив мора да е реална, изводлива и да ги следи потребите на самото население – потенцира овој аналитичар. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ