Летово ќе врие од странци во Охрид

2634

Планот на Владата е годинава да се стигне до четири милиони ноќевања, изјави премиерот Христијан Мицкоски, и рече дека е задоволен од резултатите во туризмот во првиот квартал и очекува бројката на странски гости да расте и во вториот.

– Јас сум исклучително задоволен, бидејќи е тоа квалитетен и значаен податок, особено за услужната и угостителска дејност. Можам да кажам дека во првите четири месеци бројот на туристи расте со историски 20 проценти во споредба со лани. И во април и во првите четири месеци, но и структурата на туристи се менува. Сега гледаме дека има туристи од Франција, Германија и така натаму, рече Мицкоски.

Тој посочи дека од информациите кои ги добива од туроператорите, планирани се над половина милион ноќевања надвор од сезоната во Охрид, што, како што нагласи, многу ќе значи за нашата земја.

Премиерот во одговорот се осврна на бројките во туризмот од минатата година и оцени дека имало рекордни 1,2 милиони туристи со 3,5 милиони регистрирани ноќевања.

-Оваа година целта ни е да стигнеме до 4 милиони ноќевања и милион и пол туристи. Се надевам дека ќе успееме, првите параметри се добри. Во вториот квартал, во првите денови од април е зголемен бројот за 21 процент на странски гости и 20 проценти бројот на ноќевањата. Тоа е добар инпут за Бруто-домашниот производ во вториот квартал, рече Мицкоски.

И хотелиерите и угостителите се надеваат дека оваа сезона ќе биде поуспешна од лани, а освен традиционалните гости од Холандија, Полска, Германија и од регионот, се очекуваат туристи и од Блискиот Исток, Кина, Јапонија и од Тајланд. Цените во сместувачките капацитети, во кафеаните, кафулињата и во рестораните се речиси исти како лани, со мало зголемување од 4 до 5 отсто. Сепак, Охрид и со овие цени и понатаму важи за најевтина дестинација во регионот.

–Се очекува оваа туристичка сезона да биде подобра од лани. Охрид и претходната година имаше многу странски туристи, а оваа година, освен традиционалните гости од Холандија, Полска, Германија и од регионот, има најава и за туристи од Блискиот Исток, Кина, Јапонија и од Тајланд. Зголемениот број гости однадвор е добар за Охрид и за Македонија. На овој начин, нашата држава се лоцира на светската мапа за езерски туризам – неодамна за весникот ВЕЧЕР изјави Бошко Дамовски, туристички работник од Охрид.

Туристичките работници нагласуваат дека за туристите годинава се подготвени нови, модернизирани сместувачки капацитети, подобрена угостителска понуда и дополнителни содржини како ексклузивни тури со брод, велосипедски патеки, но и специјални програми за посета на културните знаменитости во градот.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ