Летовите и натаму доцнат: Неколку европски аеродроми се опоравуваат од сајбер нападите

17

Хакерскиот напад врз системот за пријавување и качување сè уште го нарушува нормалното работење на погодените аеродроми, при што сè уште се пријавуваат доцнења на летови, а аеродромот во Брисел побара од авиокомпаниите да откажат околу половина од денешните летови поради проблеми што сè уште не се решени.

Ситуацијата на аеродромите во Берлин и Лондон е донекаде стабилизирана, но некои летови сè уште се откажуваат или одложуваат, објави денес Би-Би-Си.

Управувачот со системот за пријавување и качување „Колинс Аероспејс“, во сопственост на RTX, утрово соопшти дека работи со погодените аеродроми и авиокомпании и дека е во завршна фаза на ажурирање на софтверот потребен за враќање на целосната функционалност, пренесе Ројтерс.

Портпаролот на аеродромот во Брисел изјави дека „Колинс Аероспејс“ сè уште не доставил безбедна, ажурирана верзија на софтверот, што го принуди аеродромот да побара откажување на голем број летови за денес.

Аеродромот во Брисел соопшти дека давателот на услуги активно работи на решавање на проблемот, но не е јасно кога проблемот ќе биде решен и побара од авиокомпаниите да откажат околу 140 од 276-те летови закажани за денес, објави АП.

Аеродромот Берлин Бранденбург во неделата соопшти дека некои проблеми сè уште се присутни, но дека е воспоставен рачен систем за решавање на тешкотиите.

„Понекогаш има подолги чекања за пријавување, качување, ракување со багаж и преземање багаж. Доцнењата на летовите денес се во согласност со нормалниот работен ден“, се вели во соопштението.

Аеродромот Хитроу во Лондон во недела наутро соопшти дека сè уште се опоравува од прекин на системот за пријавување, додавајќи дека „огромното мнозинство летови продолжуваат да работат“.

Во петокот, хакерите го нападнаа провајдерот на систем за пријавување и качување „Колинс Аероспејс“, предизвикувајќи прекини на лондонскиот аеродром Хитроу, како и на аеродромите во Берлин и Брисел.

Европската комисија, која има улога во управувањето со воздушниот простор во Европа, соопшти дека „внимателно го следи кибернападот“, но нема индикации дека бил широко распространет или сериозен.

Кибернападите во воздухопловниот сектор се зголемија за 600 проценти во изминатата година, според неодамнешниот извештај на француската воздухопловна компанија „Талес“.

ИЗДВОЕНИ