
Летниот преоден рок за Барселона не оди според планот кога станува збор за засилувања во нападот. Беа најавени големи работи, тројца играчи беа поврзувани со Каталонците, а сега стана јасно дека ниту еден од нив нема да потпише за актуелниот шампион на Шпанија.
Барса го започна летото со доведување на голманот на Еспањол, Жоан Гарсија, кој потпиша повеќегодишен договор и беше платен околу 25 мил. евра.
После тоа, челниците на клубот тргнаа во акција кога стануваше збор за десната крилна позиција, а на листата на желби ги имаа Нико Вилијамс, Луис Дијаз и Рафаел Леао, но стана јасно дека ниту еден од нив нема да дојде.
Каталонскиот гигант се фокусираше на доведување на Вилијамс, со кого беа договорени за сè, но тој ги шокираше втора година по ред кога се предомисли во последен момент и одлучи да остане во Билбао.
После тоа, Деко го контактираше Луис Дијаз од Ливерпул, кој исто така беше на листата на желби, но се чини дека нема ништо ниту од Колумбиецот, бидејќи германските медиуми објавија дека тој веќе се договорил за сè со Баерн (М).
На листата на желби на Барселона остана само Рафаел Леао од Милан, но и од таму стигна ладен туш бидејќи „росонерите“ јасно ставија до знаење дека Португалецот не е на продажба.
Тренерот на тимот, Масимилијано Алегри, изјави дека Леао ќе биде еден од најважните играчи во неговиот тим следната сезона и дека клубот не размислува за негова продажба без разлика каква понуда ќе добие.
„Рафа останува во Милан. Тој може да постигне големи работи следната сезона. Убеден сум дека можам да „извлечам“ од него она што му недостасуваше. Тој влегува во годините кога фудбалерите го достигнуваат својот врв“, изјави Алегри.
Единствената опција што Барселона моментално ја има е Маркус Рашфорд, кој е подготвен да направи сè за да дојде во каталонскиот клуб. Сепак, клубот не е премногу сигурен дека тој е доволно добро засилување и се чини дека ќе се одлучат за него само ако не можат да најдат некој подобар.