Летото 2025 може да биде последното што Европа го проживеала во мир, предупреди германскиот воен историчар и професор Зенке Најцел

37

 

Многу аналитичари ја потценуваат Русија, сметајќи ја исцрпена од војната во Украина, вели Зенке Најцел и додава дека не се согласува со тоа, па предупредува дека НАТО мора да биде подготвена за најлошото можно сценарио. Додека Европа се грижи за Русија, Азија се соочува со сопствено жариште. Со години, Кина ги зајакнува своите воени активности во близина на Тајван, кој го смета за дел од својата територија, анализира германското радио НДР

„Летото 2025 година може да биде последното што Европа го проживеала во мир“, неодамна предупреди германскиот воен историчар и професор Зенке Најцел, предизвикувајќи силни реакции во Германија и во остатокот од Европа. Неговата изјава го поставува прашањето колку е нестабилна безбедносната ситуација во Европа и во светот денес и што нè очекува во блиска иднина. Во разговор за германското радио НДР, Најцел истакна дека многу аналитичари ја потценуваат Русија, сметајќи ја за исцрпена од војната во Украина. Тој не се согласува со тоа и предупредува дека НАТО мора да биде подготвена за најлошото можно сценарио.

Најцел особено ја критикува состојбата на Бундесверот, германската армија, која ја опишува како нефункционален систем неспособен за посериозен воен предизвик, пишува „Вечерњи лист“. Според него, секоја реформа на вооружените сили ќе биде огромен предизвик за политички слабата влада во Берлин. Иако верува дека ќе има одредени промени, тој оценува дека тие нема да бидат доволни за да бидат Германија и Европа навистина подготвени за модерните безбедносни закани. Како клучни задачи на Бундесверот тој наведува зајакнување на одбраната од беспилотни летала, подобрување на противвоздушната одбрана и инвестирање во производство на муниција.

Додека Европа се грижи за Русија, Азија е соочена со сопствено жариште. Со години, Кина ги зајакнува своите воени активности во близина на Тајван, кој го смета за дел од својата територија. Вежбите, кои вклучуваат поморски и воздушни маневри, симулации на блокади и демонстрации на модерно оружје, имаат за цел да ја демонстрираат кинеската моќ и да ги заплашат Тајванците, анализира НДР. Стравувањата дека претседателот Шји Џинпинг би ја искористил војната во Украина како можност да го нападне Тајван се зголемуваат. Тајван, иако демократски управуван и де факто независен, во голема мера зависи од американската воена поддршка. САД со децении имаат законска обврска да му помогнат на Тајван во самоодбраната. Затоа во последните години го зголемија своето воено присуство во регионот и ја интензивираа продажбата на оружје на Тајван. Вашингтон сака да создаде таканаречено „убедливо одвраќање“ – ситуација во која кинеската инвазија би била премногу ризична и премногу скапа, се наведува во анализата на германското радио.

Но, токму можниот конфликт меѓу две светски сили – САД и Кина – најмногу ги загрижува меѓународните аналитичари. Таквата војна би имала катастрофални последици за глобалната безбедност и за економијата. Во последните години, Кина разви напредни ракетни системи, носачи на авиони и модерни борбени авиони, а воедно ја зајакна соработката со Русија и со Иран. Со тоа се создава нова оска на антизападни сојузи што дополнително ги дестабилизира меѓународните односи.

ИЗДВОЕНИ