недела, март 1, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Летната сезона во сенка на биометриските проверки – долги редици и ИТ-проблеми...

Летната сезона во сенка на биометриските проверки – долги редици и ИТ-проблеми на европските граници

Воведувањето на новиот систем за влез-излез (ЕЕС) на Европската Унија создава сериозни оперативни предизвици на граничните премини, со долги редици и застои кои веќе предизвикуваат загриженост кај авиокомпаниите, аеродромските оператори и туристичките агенции. И покрај можноста за делумна привремена суспензија на системот за време на најголемиот туристички пик, експертите предупредуваат дека без итни приспособувања на капацитетот и на процедурите, летната туристичка сезона во 2026 година може да биде сериозно нарушена

51

Воведувањето на новиот систем за влез-излез (ЕЕС) на Европската Унија, кој ги заменува класичните пасошки печати со биометриски проверки, предизвикува загриженост меѓу авиокомпаниите, аеродромските организации и туристите. Според најновите предупредувања, системот веќе создава значителни застои на границите и може сериозно да го наруши туристичкиот сообраќај за претстојната летна сезона.

Авиокомпаниите и аеродромските организации, меѓу кои Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ Европа), Авиокомпании за Европа (A4E) и Меѓународната асоцијација за воздушен простор (ЈАТА), во заедничка изјава до Европската комисија предупредија дека новиот систем од октомври 2025 година, кој ги заменува класичните пасошки потврди со биометриски проверки, веќе предизвикува долги редици и чекања на контролата на патниците од земји надвор од ЕУ. Овие застои, според нив, се резултат на хроничен недостаток на персонал, технолошки предизвици и слаба примена на предрегистрација преку апликации.

Раководителот на аеродромот во Минхен и претседател на АЦИ Европа, Јост Ламерс, посочува новиот ЕЕС е „многу амбициозен проект”, а некои држави веќе пријавиле проблеми со долгите чекања и ИТ‑системски недостатоци откако е воведен. Имено, автоматската контрола, која ги регистрира биометриските податоци на патниците кои влегуваат во ЕУ, на некои мерни точки не функционира беспрекорно, па ако автоматскиот систем не успее, патниците мора да се вратат на традиционалната пасошка контрола, што уште повеќе ги продолжува редиците.

Според сведочења на очевидци, на некои гранични премини, како што е преминот Евзони помеѓу Македонија и Грција, патниците веќе чекаат и до четири часа, а во летниот период ова време може да се удвои. Новиот систем бара фотографирање и отпечатоци од прстите, што го продолжува процесот на проверка во однос на класичниот преглед на пасошите. Од фејсбук-групата „Грчка инфо“ наведуваат дека процедурата е долга и дополнително комплицирана со паркирање на возилата и премин низ редици, што во јулско‑августовскиот метеж може да стане „невозможна мисија“.

– Првпат оваа година нема да одиме во Грција на одмор поради новиот систем и гужвите кои се очекуваат. Не ми паѓа на памет со мали деца да чекаме со часови – пишуваат загрижени во групата „Грчка инфо“, додека други се надеваат дека новиот систем ќе биде одложен ова лето поради туризмот.

Авиосекторските организации јавно побараа од Европската комисија да го суспендира или привремено да го одложи ЕЕС до крајот на октомври 2026 година, со цел да се избегнат колосални редови и застои на аеродромите за време на пикот на летната туристичка сезона. Официјални претставници од АЦИ Европа предупредија дека ако не се најде решение, ситуацијата на граничните пунктови би можела да стане несоодветна за нормално функционирање на аеродромите, со директно влијание врз довербата на туристите и целата туристичка индустрија.

Последиците од застојот не се ограничуваат само на летовите. Локалните туристички агенции во региони зависни од странски посетители, како Балеарските Острови, веќе изразија загриженост дека долги редици и неизвесни контроли може да ги одвратат туристите и да ја намалат популарноста на летните дестинации. Се проценува дека секој дополнителен час чекање на границите значително ја намалува флуентноста на туристичкиот сообраќај и создава ризик од финансиски загуби за локалните економии.

Европската комисија потврди дека државите членки на ЕУ можат да прават „делумни суспензии“ на систем за влез-излез (ЕЕС) за време на најголемите летни туристички пикови, со цел да се намали ризикот од долги чекања на границите и потенцијално нарушување на туристичкиот сообраќај. Ова значи дека, според постојните правила, пограничните служби може привремено да го стопираат или да го ограничат применувањето на ЕЕС на одредени премини ако има сериозни оперативни проблеми, вклучително и голем број патници или долги редици. Оваа опција за делумна суспензија е предвидена токму за да се овозможи флексибилност во случаи на голем сообраќај, како што е летната сезона.

Сепак, комисијата не го откажа целосно ЕЕС ниту го одложи неговиот конечен рок на примена (планиран за 10 април 2026 година). Наместо тоа, официјалниот став е дека членките на ЕУ можат да го приспособат применувањето во одредени услови, што всушност значи дека постои механизам за привремено попуштање при исклучително големи попатни текови, но не и едноставно суспендирање на целиот систем за целиот период на летната сезона.

Воведувањето на ЕЕС, иако е дел од европските регулативи за безбедност, покажува дека технолошките иновации можат да создадат непредвидени предизвици, особено кога инфраструктурата и човечкиот фактор не се доволно подготвени. Како што заклучуваат авиоасоцијациите и очевидците, без дополнителни приспособувања и зголемување на капацитетот на граничните контроли, европската туристичка сезона во 2026 година ризикува да се соочи со значителни прекини и незадоволство кај патниците.

Новата реалност на патувањето преку Шенген-зоната значи дека туристите и операторите мора да се приспособат на подолги редици, биометриски проверки и ограничен капацитет, додека европските власти треба итно да најдат решенија кои ќе го балансираат безбедносниот аспект со ефикасноста на туристичкиот сообраќај.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ