Со настап на скопскиот бенд Funk shui, вечерва (12 јуни), од 20:30 часот, ќе се отвори втората сезона на летната сцена „Славиша Кајевски“ на Македонскиот народен театар.
На летната тераса на МНТ покрај Вардар, публиката во неколку денови, до 21 јуни, ќе може да види концертни настапи на повеќе македонски изведувачи.
Оваа година програмата се одржува под слоганот „Млади за млади“, со акцент на настапите на македонски изведувачи и носејќи хуманитарен карактер, а се реализира со поддршка од Македонски Телеком. Средствата од продажбата на билетите ќе бидат наменети за Support Кочани, за поддршка на лекувањето и рехабилитацијата на повредените во трагедијата во Кочани.
Како што потсетуваат од МНТ, летната сцена „Славиша Кајевски“ премиерно беше отворена минатата година, како посвета на прерано починатиот актер којшто остави длабока трага во македонската култура.