Родена е во Приштина, во 1990 година, пред распаѓањето на Југославија и нејзините родители во тоа време имигрирале во Лондон, Велика Британија, каде што израснала во голема, добра девојка и одлична пејачка. Родена е како Рита Сахаџију, но родителите ѝ го додале уметничкото име Ора за полесно пробивање на британската музичка сцена, што се покажа како одличен потег. Нејзината мајка, Вера, е психијатар, а нејзиниот татко, Бесик, е економист. Во Лондон имаат убав, голем паб. Рита има постара сестра, Елена (која е дел од нејзиниот менаџерски тим), како и помлад брат, Дон. Во Нотинг Хил-Лондон, го посетувала училиштето „Св. Кутберт“, но и основното училиште „Св. Матеј“, каде што го завршила и театарското училиште „Салвија Јанг“.
Со низа интернационални хитови што потоа го обиколија светот, милијарди стримови, престижни признанија и со соработка со најголемите имиња од глобалната музичка сцена, Рита Ора стана глобално музичко име, но и модна икона. Кариерата ѝ е обележана со континуиран успех, но и со способноста постојано да се трансформира, да биде чекор пред времето.
Нејзиниот пат на светската музичка сцена претставува спој на комерцијалниот успех, уметничката конзистентност и на прецизно изградениот идентитет. Од своите почетоци до денес, таа континуирано го проширува својот креативен музички израз. Комбинира современ поп, денс и урбан звук со моќен визуелен стил и впечатливо сценско присуство. Таа е препознатлива и како феномен со големо влијание врз новите генерации слушатели.
Нејзините концертни настапи се врвна продукција, со прецизно осмислена сценографија, со енергија што воспоставува директна комуникација со публиката. Toa e внимателно режирано аудиовизуелно доживување, во кое музиката, светлината и емоцијата функционираат во една целина. Вистински спектакл! Нејзиниот втор албум, „Phoenix“, беше објавен во ноември 2018 година. Водечкиот сингл, „Your Song“ , се најде на топ-10 во Велика Британија, како и хит-сингловите „Anywhere“ и „Let You Love Me“, кои беа на првите пет места. Така што таа стана првиот британски соло изведувач со тринаесет најдобри 10 синглови во Велика Британија.
Во Македонија, концертот на згодната Албанка Рита Ора, а сега официјална британска поп-пејачка, е закажан за 1 август, во Охрид, на стадионот „Билјанини извори“. Ќе биде во организација на македонската „Прагма продукција“. (Д. М.) (Фото:Инстаграм)












