– Во стиховите на „Горда сум Македонка“ е вткаена огромната благодарност за тоа што сум родена во оваа питома земја. Песната ја пеам за секој Македонец! Тоа ме исполнува и ми дава сила да одам понатаму низ овие музички води – вели разубавената Лени за весникот ВЕЧЕР

 Лени Партикова долго време е присутна на сцената на македонската музика. Таа не пее само народни фолк-песни туку таа е и оперска пејачка со фантастичен глас. Со најновото цеде насловено „Горда сум Македонка“, промовирано вчеравечер пред голем број заинтересирани новинари, колеги од естрадата и пријатели, воедно го најави и скорешниот истоимен концерт во родното Тетово (на 17 јануари). Подобро кажано, Лени е повторно актуелна. Дополнителна музичка убавина во текот на концертот, покрај неа, ќе ја презентираат и нејзините специјални гости: Орде Неделковски, Кире Науновски, групата „Круна“, како и Трубачкиот иркестар на Мануел Аметовиќ –првак од соборот во Гуча од Србија. Сето тоа ќе биде зашеќерено со  игроорците на КУД „Шара“ од Тетово. На цедето „Горда сум Македонка“ Лени се потпишува и како автор на текстот на две песни, насловната, „Горда сум Македонка“, и „Калеш старосватица“. Покрај неа, работеа и исклучителни професионални, уметници, име секој за себе: Горан Милошески, Љупчо Павловски, Гоце Касаповски, Ристо Краповски, Робертино Стефановски, Огнен Неделковски, Владо Ѓорѓиевски, Цане Трајчевски, Бранко Николовски и Боби Петковски.– Ќе ви откријам веднаш на почетокот дека ќе го отворам концертот со композиција што ми е особено мила, блиска до срцето, а тоа е токму песната „Горда сум Македонка“. Пеејќи ја, го изразувам чувството на припадност, мојата љубов кон нашата Македонија. Во стиховите е вткаена огромната благодарност за тоа што сум родена во оваа питома земја. Песната ја пеам за секој Македонец. Тоа ме исполнува и ми дава сила да одам понатаму низ овие музички води – вели разубавената Лени за весникот ВЕЧЕР.

Ние мора да признаеме дека секој нејзин концерт (ги имаше и во Скопје, веројатно наскоро и во Охрид) изобилува со нејзиниот моќен вокал, со непресушна сценска енергија, но и со карактеристичната комуникација со публиката. Не сите пејачи го имаат тој талент, покрај пеењето, да умеат со леснотија да зборуваат додека се на сцената. Вообичаено, тремата ги „убива“. Кај Лени воопшто не е така.

– Навистина немам трема, само корисни креативни вибрации. Да не згрешам некаде, бидејќи многу се вложувам пред секој мој настап, во самите подготовки. Потоа инспирацијата ја црпам од самата публика, која сакам да ја гледам директно в очи додека ѝ пеам. Таа го препознава тоа и ми возвраќа со многу љубов. Затоа се давам целата во интерпретациите. Знам дека секој испеан збор носи некоја порака, која буди посебни чувства кај луѓето. Особено се случува тоа кога пеам за Македонија, за македонската крв што ни тече низ вените, за македонското битие. Така ја пеам и песната „Горда сум Македонка“. Преку песната раскажувам за вечната љубов кон татковината.со сопругот Жарко

Како горда Македонка, Лени Партикова честопати го презентира своето македонско чувство и пред публиката во странство. И таму луѓето ја прифаќаат со долготрајни аплаузи и со големи симпатии. Па од тие причини сè уште се раскажува за нејзиното пеење на меѓународните фестивали: „Избор Косовске девојке“ во Грачаница на Косово, „Марко Поло-фест“ на островот Корчула на хрватскиот Јадран, „Откритие“ во Варна и „Златен кестен“во Петрич, Бугарија, „Еуро-поп“ во Зеница Б и Х, како и познатиот „Фестивал трубача“ во местото Гуча во Србија. Кај нас дома, Лени е чест гостин на македонските фестивали: „Лешочки фолкфест“, „Фолкфест Валандово“, „Росафест“, „Охридски трубадури“, па дури и на забавниот „Макфест“. Не ги избегнува фестивалите за разлика од повеќемина свои колеги.

– Кој како ги прифаќа и разбира фестивалите, но јас, и покрај тоа,  ги сакам. Не е најважно да победиш. Доколку имаш убава песна, наградите ќе си дојдат со текот на времето. Таквата песна лесно си го наоѓа патот до публиката, a тоа е највредната награда за секој пејач.    Дуле МИЌИЌ / фото:ФБ

 

 

ИЗДВОЕНИ