Луѓето обично ја знаат како успешна на полето на бројките и финансиите, а своите пензионерски денови, покрај грижата за домот и секојдневните домашни обврски, сега таа ги поминува активно, творејќи, посветувајќи им се на рачните изработки. Ленче Витановска од Неготино е дипломирана економистка во пензија, која им дава душа на старите стаклени предмети, правејќи ги повторно употребливи.
Taa раскажа за МИА дека отсекогаш била уметничка душа и дека со години го носела тоа чувство за уметност во себе. Нејзините најблиски додаваат дека сите изминати години, таа одвреме-навреме знаела да ги изненади со уникатни рачно изработени украси, па макар биле и од обични есенски лисја собрани во градината.
– Сепак, малку посериозно решив да ѝ се посветам на уметноста и да му го дадам на светот уметничкото што го носам во себе откако се пензионирав. На мојот 60. роденден, од моите ќерки за подарок добив сликарски платна и бои и решив да свртам нова страница во животот. Третата доба, која навистина може да биде убава ако се знае вистински да се осмисли, ја поминувам со мојата креативност што ја носам уште од раѓање – открива таа.
Решила, исто така, да им даде втора шанса на материјалите, па започнала да прави декупаж на стаклени тегли и особено на шишиња, со оглед на тоа што Тиквешијата е познат и најголем лозаровинарски регион во државата и надвор од неа. Така, нацртаните стаклени предмети добивале нова употребна вредност.
– Рачно насликаните стаклени предмети, главно, ги подарувам на мои блиски, на некои особено значајни денови за нив. Се работи за природни материјали и за уникатни изработки. Во мојата уметност користам и школки, камчиња, шишарки, лушпи од јајца, песок. На сите нив им давам нова шанса, а стаклените шишиња и тегли се стопроцентно употребливи во домаќинството. Имам побарувачка од мои блиски луѓе за подарување за слави, родендени, посебни пригоди – појаснува Витановска.
Луѓето околу неа велат дека е вредна и марифетна, дека има, што се вели, златни раце, а таа скромно подвлекува дека сево ова ја прави среќна и дека му пристапува на своето хоби со огромна доза задоволство.
– На сите пензионери им препорачувам да бидат активни, да се пронајдат во некое хоби што ќе ги исполнува. Иако самоука, многу сум среќна кога моите блиски ќе го изразат своето воодушевување од некоја моја рачна изработка. Тогаш заборавам и на напорот и на трпението што се неопходни за едно рачно изработено дело да ја раскаже својата животна приказна – нагласи таа.
Витановска работи со различни техники. Нејзините слики, главно, се во акрилна техника на платно. Ни кажа дека е членка на интернет-група во која љубителите на овој занает како неа меѓусебно споделуваат искуства и совети.
– Толку се вложив во овие рачни изработки што мислам дека ќе го работам ова додека имам сила за тоа. Инспирација за творење имам. Сакам преку уметноста да му пренесам бројни пораки на светот. Една од нив е да не се фрлаат работите што може да бидат реупотребени. Со реупотребата, им даваме нов живот – истакна Витановска.












