– Уметничката дарба и сценската посветеност на Ленче Делова оставија траен белег во македонскиот театар и во срцата на сите што имаа чест да соработуваат со неа. Ќе остане запаметена како тивка сила на сцената и како уметник со редок интегритет и во театарот и на телевизија. Нејзиното отсуство е ненадоместлива загуба, а нејзините дела – светол патоказ за идните генерации – напишаа нејзините колеги во телеграмата со сочувство што беше прочитана на денешната комеморација што се одржа во нејзина чест, во присуство на семејството, голем број колеги, пријатели и почитувачи, во Драмски театар Скопје.

Во театрографијата на нејзината матична куќа останува забележено дека Ленче Делова, родена на 15 јуни 1948 година, станала професионална актерка на едвај 16 години. На сцената на театарот првпат зачекорила во „Богомилска балада“, првата премиера изведена во оваа тогаш нова и привремена зграда на Драмски, каде што остана до пензионирањето во 2004 година.

Нејзината богата уметничка кариера ја потврдуваат 63. улоги одиграни на матичната сцена, меѓу кои: Џенет („Фармерки“, 1965);  Пере („Дундо Марое“, 1966); Перце („Балада за Тил Ојленшпигел“, 1968);  Снежана („Пештера“, 1969)… па сè до Трајанка („Ни ќар ни зијан“, 1996); Меџ („Гардеробер“, 1996); Марина („Вујко Вања“, 1997); Бабата („Падот на невиноста“, 2002); Мама („Мачка на вжештениот лимен покрив“, 2003); Менка („Чија си?“, 2013).

Ленче беше често присутна во нашите домови, преку телевизискиот екран каде што играше многу ликови во програмите наменети за најмладата публика, во продукциите на сериите: „Итар Пејо“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук, Стојанче“… а имаше значајно остварување и во филмовите „Пред дождот“ и „До балчак“.

Добитник е на наградата на Град Скопје – „13 Ноември“, за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ (1978). На МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, во 2006 година, пак, ја доби наградата за животно дело.

Телеграма со сочувство испрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова,  министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, а последен поздрав кон колешката со која ја делеше сцената над четириесет години, упати актерот Благоја Чоревски. Во своето емотивно обраќање пред присутните, се потсети дека тој и Ленче се дружеле и настапувале заедно во драмски аматерски претстави уште од својата рана младост. Во навраќањето на тие денови, тој ги сподели радоста и ентузијазмот од нивното гостување на Хвар, на фестивалот на југословенските театарски аматерски групи, на кој Ленче ја освоила својата прва актерска награда, на возраст од само 14 години.

Во името на македонското глумиште и колективот на Драмски театар, на комеморацијата се обрати директорот Роберт Вељановски, потсетувајќи дека театарот е уметност на мигот, која нè плени со секоја нова изведба на театарските сцени. Тој замоли со силен аплауз, единствената почит со која се искажуваат најсилните емоции, присутните да се простат од големата уметница, актерката Ленче Делова.

Таа беше погребана во понеделникот, во присуство на семејството, бројните колеги и претставниците на македонската театарска и културна јавност.

ИЗДВОЕНИ