Лекување на шилци во пета; Совети од физиотерапевтот Илија Жежов

70

Доколку имаме шилец, најчесто се јавува силна болка во средината на петата и не ни дозволува да застанеме на стапалото. Ова е честа појава кај постари лица, но се јавува и кај млади лица, а се јавува и кај луѓе чија професија е поврзана со стоење во текот на 8 и повеќе часа на ден

Шилец во пета (lat. Calcar calcanei) претставува релативно чест проблем кој се јавува кај лица постари од 40 години, иако може да се јави и кај помлади лица. Жените се поподложни на развој на оваа состојба, а загрозени се и спортистите, луѓето чија професија бара долго стоење, како и лица со прекумерна тежина. Носење неадекватни обувки, трчање и скокање по тврда подлога, скратување на тетивите како резултат на постојано носење обувки на високи потпетици придонесуваат за негов развој. Рамните табани, исто така, се ризик-фактор. Најчесто се јавува силна болка во средината на петата и не дозволува да застанеме на стапалото.

Симптоми
Се јавува остра болка во петата веднаш по станување или по мирување. Пациентите ја опишуваат како чувство дека застанале на клинец или на трн. Меѓутоа, шилецот може да постои и без болни симптоми. Ваквите случаи најчесто се откриваат во текот на рендгенско и магнетно снимање на стапалата при дијагностицирање на здравствениот проблем.

Што е, всушност, шилецот?
Шилецот претставува таложење на калциум на коската на петата, кое настанува по дејство на повеќе фактори, од кои најзначајните веќе ги наведовме. Заедничко за тие фактори е зголеменото механичко оптоварување, кое како последица има создавање калцификати. Насобраните наслаги предизвикуваат болка вршејќи притисок на околното ткиво, каде што најзагрозена е плантарната тетива. Многу често, плантарниот фасцититис се меша со шилец, а кај околу 70 проценти од пациентите со плантарен фасцититис е присутна и појава на калцификација. Во прашање е многу непријатна состојба која го отежнува нормалното функционирање на пациентот и ја намалува неговата работна способност.

Лекување
Во акутна фаза, на пациентот му се препорачува одмор, ставање ладни облоги и соодветни вежби за истегнување на стапалото. Употребата на антиинфламаторни лекови мора да биде контролирана од лекар поради потенцијални несакани ефекти. Терапијата со лекови на стероидна основа е поврзана со одредени потенцијални тешкотии. Поради анатомската позиција на околното ткиво не е секогаш можно да се даде инјекција со стероиди на точно предвиденото место, што може да доведе дури и до влошување на состојбата. Хируршкиот пристап во решавање на проблемот е последна опција која се зема предвид доколку останатите методи не дале резултат во текот на три месеци или во текот пет-шест месеци од лекувањето.

Физикалната терапија дава одлични резултати кај најголем број пациенти, а во употреба се и современи методи, како што е терапијата со радијални ударни бранови, која помага за побрзо топење на шилците.
Лекувањето трае 21 ден, најмногу до 6 месеци, со терапија од 2 до 3 пати неделно.

Превенција
При изборот на обувки е потребно да се обрне посебно внимание на тоа да бидат удобни и да помагаат во рамномерно распоредување на притисокот што телото го врши на стапалата. Одржувањето на телесната тежина во рамките на нормалните параметри, исто така, го намалува оптоварувањето што нашите пети го трпат во текот на денот. Во договор со лекар и фармацевт, со помош на додатоци во исхраната, можете да обезбедите адекватен внес на магнезиум, витамин Б5 и омега 3-масни киселини. Ова се состојки кои придонесуваат за правилно функционирање на организмот и за брзо заздравување.

Авторот е специјалист по здравствен фитнес, Ординација за физиотерапија „Физиотерапевт –  Здравје“ Гостивар

ИЗДВОЕНИ