Иако успеа да заврши на шестото место на трката за Големата награда на Емилија-Ромања, возачот на Ферари, Шарл Леклер, не ја криеше својата фрустрација од фактот што мораше да се бори за да се пробие низ средината на поредокот. Тој ги заврши квалификациите во саботата, во втората рунда (Q2) и иако освои бодови во неделата, целокупната слика повторно не ги задоволи неговите амбиции.
Во генералниот пласман, тој моментално заостанува 85 бода зад лидерот Оскар Пјастри, а негов единствен подиум во сезоната беше оној во Саудиска Арабија, каде што беше трет.
- По трката реков дека ова е една од оние трки каде што мора да се вози со срце и да се исфрлат лактите напред. Знам дека во вакви ситуации се туркаш до границите, понекогаш премногу. Но, кога ќе започнам од единаесеттата позиција, како возач, едноставно не можам да прифатам каде сме – порача Леклер.
Тој презеде одредени ризици на трката, а особено се осврна на инцидентите со Пјер Гасли и со Алекс Албон.
- Не мислам дека ја преминав линијата со Гасли. Тоа беше тркачки инцидент, како што се случува. Што се однесува до дуелот со Алекс, тој веќе беше на границата. Врз основа на начинот на кој беа напишани правилата, мислам дека бев токму на таа граница. Морам повторно да ги прегледам снимките, но не жалам за ништо. Денес се работеше за давање сè од себе. Од моментот кога во втората безбедносна фаза не отидов во боксот, знаев дека трката ќе биде многу тешка – смета Леклер.
Моначанецот ги воодушеви домашните навивачи со победа во Монако минатата година, со што заврши низата разочарувања на домашен терен. Но, оваа година тој не е оптимист дека може да го повтори таков успех, особено поради ограничувањата што ги има Ферари во моментов.
Инаку, до победата во Италија дојде возачот на Ред бул и актуелен шампион, Макс Верстапен, а на подиумот се искачија и двајцата возачи на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пјастри.