Тимот на Ферари е очаен повеќе од една деценија и нема никакви знаци дека ќе се промени тоа во новата сезона во Формула 1. Ниту доаѓањето на седумкратниот шампион Луис Хамилтон не промени ништо и тимот тоне сè подлабоко и подлабоко.
Ферари ја заврши сезоната без ниту една победа, додека Хамилтон не успеа да стигне до ниту еден подиум, што претставуваше разочарувачки почеток на неговата ера во црвениот болид. Во таков контекст, Шарл Леклер беше прашан дали тој, како долгогодишен член на Ферари, може да му помогне на Хамилтон полесно да го помине тешкиот период.
- Моја обврска е да го искористам максимумот од сè што е под моја контрола и веќе има толку многу работи на кои сум фокусиран за себе и за тимот, за да се осигурам дека моето возење одговара на болидот на најдобар можен начин. Очигледно ми е тешко да одвојам дополнително време. И покрај тоа, Луис постигна многу повеќе отколку што сум постигнал јас некогаш – истакна Леклер.
Токму поради ова, тој верува дека не е во позиција да дава лекции на возач од калибарот на Хамилтон.
- Значи, искрено, навистина немам никаков совет да му дадам – потенцираше Леклер.
Сепак, Леклер не крие дека разбира низ што минува Хамилтон.
- Секако, секогаш е долг процесот кога доаѓате во нов тим. Искрено, дури и не се сеќавам како изгледа веќе, бидејќи сум во Ферари осум години. Знам како функционира сè и сè ми изгледа сосема природно – додаде Леклер.
За Хамилтон, вели тој, ситуацијата е сосема поинаква, дури и по цела година помината со тимот.
- За Луис, ова е сè уште сосема ново, дури и по една година. Процесите се сосема различни, начинот на размислување, структурата на тимот, начинот на работа. Сето ова се работи на кои сè уште треба да се навикне и кои одземаат време – вели Леклер.











