Лекарот што беше застрелан во Куманово е надвор од животна опасност и се наоѓа во стабилна состојба, МЗ остро го осудува нападот врз колега

81

Министерството за здравство остро го осуди вооружениот напад што се случи во Куманово, при кој беше повреден доктор Зекирија Шаини. Според официјалните информации, лекарот е надвор од животна опасност и се наоѓа во стабилна состојба, каде прима соодветна медицинска нега.

„Ќе обезбедиме целосна поддршка за доктор Шаини во текот на неговото закрепнување и рехабилитација“, информираат од Министерството.

Институцијата го осудува секое насилство врз здравствени работници, оценувајќи го инцидентот како крајно неприфатлив.

„Категорично го осудуваме нападот. Безбедноста на здравствените работници мора да биде гарантирана. Ќе преземеме конкретни мерки за унапредување на заштитата во соработка со здравствените установи и локалните власти“, се наведува во соопштението.

Министерството најави и засилена координација со Министерството за внатрешни работи и општинските органи во Куманово, со цел целосно расветлување на случајот и утврдување на одговорноста.

Од институцијата апелираат за воздржаност, почитување на приватноста на жртвата и поддршка за него и неговото семејство.

„Ги повикуваме граѓаните и медиумите да покажат солидарност и разбирање. Министерството ќе ја следи состојбата на докторот и навремено ќе ја информира јавноста за сите релевантни промени“, стои во официјалното соопштение.

ИЗДВОЕНИ