Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин дел Потро повторно отворено проговори за тешките моменти низ кои поминал во текот на својата кариера, потврдувајќи дека сè уште се бори со последиците од бројните повреди што го придружуваа.
Дел Потро, победник на Отвореното првенство на САД во 2009 година, е еден од тенисерите со најмногу здравствени проблеми во модерната историја на спортот. Во текот на својата кариера, тој помина низ дури четири операции на коленото и три операции на зглобот, но и покрај сè, тој остана симбол на упорноста и на менталната сила.
Во неодамнешното гостување на ЕСПН во Аргентина, Џинот од Тандил призна дека сè уште посетува лекари и дека бара решенија, нагласувајќи дека неговите повреди, колку и да се сериозни, во голема мера го обликувале како спортист.
– Можам да кажам дека немав многу среќа, но вистината е дека станав спортист каков што сум поради повредите. Тоа е дел од мојата приказна, и тоа се најдраматичните поглавја. Сега дури и барам помош од вештачката интелигенција. Разговарав многу со „Чет-ГПТ“. Имам магнетна резонанција и рендгенски снимки во сите можни бои. Одам на клиника и ми велат: „Пак ти?! Не знаеме што да правиме со тебе веќе“ – рече Дел Потро.












