„Лекари без граници“: Бебињата и децата умираат во Газа поради зимата, апел до Израел да дозволи помош

25
epa12537325 A Palestinian amputee (C) looks on during the funeral of Palestinians killed following Israeli airstrikes, at Al-Shifa Hospital in Gaza City, 20 November 2025. The Palestinian Ministry of Health in Gaza reported that the airstrikes killed at least 24 Palestinians in the north and south of the Gaza Strip. EPA/MOHAMMED SABER

Организацијата Лекари без граници (Médecins Sans Frontières – MSF) денес предупреди дека бебињата и децата во Појасот Газа умираат од студот поради суровите зимски услови и го повика Израел да ја олесни блокадата на хуманитарната помош, додека, како што велат, воените операции продолжуваат и покрај прекинот на огнот.

Лекари без граници соопштија дека 29-дневно предвремено родено бебе починало од тешка хипотермија во градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, велејќи дека зимата, во комбинација со екстремно лошите услови за живот, значително ги зголемила здравствените ризици, објави „Ал Џезира“.

Според Министерството за здравство на Газа, бројот на смртни случаи поради екстремни временски услови достигна 13, додека претходно оваа недела едно бебе старо две недели почина од студ поради недостаток на соодветно засолниште и облека.

Раководителот на одделот за педијатрија и акушерство во Медицинскиот комплекс Насер, Ахмед ал-Фара, предупреди дека хипотермијата е исклучително опасна за новороденчињата и дека ако на семејствата во шатори не им се обезбеди греење и соодветно сместување, бројот на смртни случаи ќе се зголеми.

„Лекари без граници“ исто така соопштија дека бележат големо зголемување на респираторните инфекции, кои би можеле дополнително да се шират во текот на зимата, особено загрозувајќи ги децата под петгодишна возраст.

Во последните недели, Газа беше погодена од обилни дождови, силни ветрови и ниски температури, при што повеќе од 53.000 шатори што се користат како привремени засолништа за раселени лица се оштетени или уништени. Поради уништувањето на инфраструктурата, улиците брзо се поплавуваат, а канализацијата се прелева, додека семејствата се принудени да се засолнат во делумно срушени згради.

Обединетите нации велат дека Израел продолжува да спречува испорака на шатори, ќебиња и други основни потреби, иако околу 55.000 семејства претрпеле штета за време на бурите, а оштетени се и детски објекти, што влијае на околу 30.000 деца, пренесува Танјуг.

Организацијата „Рефуџис Интернешнл“ процени дека хуманитарната помош пристигнува во Газа во минимални количини, делумно поради списокот на „контролирани предмети“ кој, според извештаите, вклучува и основни потреби како што се пелени, завои и шатори.

ИЗДВОЕНИ