
Минатата сезона, францускиот гигант ПСЖ за првпат во клупската историја ја освои титулата европски шампион, иако се чини дека Барселона беше најблиску до тоа, но неочекувано беше елиминирана од Интер во полуфиналето.
Неколку месеци подоцна, Каталонците повторно се во групата на тимови кои ја имаат улогата на фаворити, а поранешниот стопер на Ливерпул, Џејми Карагер, веќе „знае“ кој ќе игра во новото финале на најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.
„Моите фаворити за освојување на Лигата на шампионите се Каталонците. Бев навистина импресиониран од нивните настапи минатата сезона. Мислам дека повторно ќе стигнат далеку“, изјави Карагер за „Скај Спортс“, а цитиран од „Мундо Депортиво“. „Мислам дека и Ливерпул ќе стигне до финалето. Ќе биде фантастично финале: Барселона против Ливерпул“, додаде тој.
Неговиот поранешен репрезентативен колега и исто коментатор на „Скај Спорт“, Мика Ричардс, се согласи со Карагер: „И јас ја избирам Барселона“.
Кога е во прашање првото коло од лигашкиот дел во ЛШ, актуелниот шампион на Шпанија забележа минимална победа од 2:1 над англискиот премиерлигаш Њукасл.