– Во овие зрели години, најголема вредност е да имаш партнер за муабет, за дружење, за во ресторан, за кафе, за пазарење, за летување, за патување, за смеење и за плачење. Не е среќата само во бакнежите и во сексот
Лепа Лукиќ, пејачката на легендарниот балкански хит „Срце је моје виолина“, повторно ја разбранува публиката. Овој пат не со песната туку, верувале или не, со тоа што на 85 години, колку што ги има, е лудо вљубена! Легендарната пејачка, која е позната и по својата страст кон комарот, сега открива дека веќе една година е во љубовна врска, и тоа со својата голема љубов од младоста. Судбината повторно ја споила со него, по цели 50 години. Приказната наликува на сценарио од некој холивудски романтичен филм.
Сè започнало кога имала само 26 години, во времето на почетоците на нејзината популарност. Тогаш таа заминала на турнеја во Германија, каде што го запознала овој господин со кого, пред тоа, била една година во врска, и покрај тоа што се противела нејзината мајка, која останала да живее во селото Милочер, во кое е родена Лепа. Но, потоа животните патишта им се раздвоиле, тој се оженил, а таа ја градела својата блескава кариера, притоа имајќи неуспешни бракови. Половина век подоцна, откако останал вдовец, господинот повторно ја побарал за сопруга. Се вратил во Србија и ѝ се јавил, потсетувајќи ја на младешката романса. –Тој човек не ги затвори вратите зад себе, ми се обновија емоциите сосе спомените – искрено раскажува Лепа.
Нивното пријателство набрзо прераснало во љубовна врска!
– Повторно се вљубив во тебе. Ти си убава жена, харизматична, весела, никому не би те дал – ѝ признал тој. Денес, по една година заедно, пејачката вели дека врската им е исполнета со огромна почит и разбирање.
– Толку многу е внимателен, толку ме развеселува со своето присуство, не сум веќе сама со мачката дома. Нешто извира од тие негови очи. Тој постојано ми вели: „Ти си ми најубава, ти си мојата кралица!“ – вели таа.
Оваа приказна е многу повеќе од романтична. Тоа е порака против „ејџизмот“. Така се вели кога има дискриминација врз основа на годините, на возраста. Во општество каде што постарите луѓе, особено жените, честопати се третираат како невидливи или лишени од правото на љубов и страст, Лепа Лукиќ со гордост зборува за своето старо-ново момче и за романтиката на овие нејзини 85 години. Нејзината исповед е и потсетник дека љубовта добива различни форми во животот. Таа објаснува дека во оние зрели години најголема вредност е да имаш партнер за муабет, за дружење, за во ресторан, за кафе, за пазарење, за летување, за патување, за смеење и за плачење. Не е среќата само во бакнежите и во сексот, отворено вели радосната Лепа.
Љубовната приказна на Лепа Лукиќ силно одекна во јавноста, бидејќи ја носи универзалната порака дека надежта за втора шанса секогаш постои, дека навистина никогаш не е доцна да се живее животот. (Д. М.)