Во Јавна соба (поткровје), на 2 јуни (понеделник), со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи премиерата на новата детска театарска претстава „Лефти и Рајти го спасуваат џемперчетво Воли“.
Претставата е базирана на втората сликовница од серијата „Приказни за облеките“ на македонската авторка Наташа Дукоска. Оваа премиера воедно претставува и промоција на истоимената сликовница во издание на „Чудна шума“.
-Со оваа адаптација, светот на облеките добива нова димензија на театарска сцена. Храбрите Лефти и Рајти тргнуваат во мисија да го спасат заборавеното џемперче Воли од автобуското седиште во приказна исполнета со хумор, грижа, детска фантазија и топлина. Претставата ја режира Изабела Јакимова која воедно стои и зад адаптацијата на текстот. Нејзиниот пристап преку „Театар за тебе“, успеа да ја задржи нежноста и духовитоста на оригиналната сликовница, во визуелно богати сцени и дијалози кои ги ангажираат и најмладите гледачи, се посочува кон претставата.
Авторката Наташа Дукоска има свој уникатен пристап кон пишувањето за деца, а преку „Приказни за облеките“, таа нè потсетува дека едно парче облека, може да има живот, емоции и да доживува авантури. Публиката ќе има можност да ја доживее магијата на книжевноста оживеана на сцена, дело на авторка која со своите сликовници веќе ги освои срцата на многу деца и родители низ Македонија.
Улогите ги толкуваат: Јана Велева, Бранко Атанасов, Ангела Лефкова и Мина Јелушиќ Јериниќ. Претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам.