Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
– Во моментов се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот, кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега се заменети повеќе од 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите ЛЕД-светилки, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност – соопштија од Општина Кисела Вода.
Оттаму додаваат дека реализацијата на овој проект, кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.












