Поранешниот НБА-играч, Џеф Тиг, даде шокантна изјава, која предизвика бурни реакции во светот на кошарката. Тој истакна дека најдобриот кошаркар на денешницата, Леброн Џејмс, наводно користел хормон за раст (HGH), што е строго забрането во професионалните спортови. Станува збор за периодот во кој Леброн играше за тимот на Мајами.
- Почнаа да тестираат за хормон за раст и одеднаш, токму тогаш мораше да направи пауза. Рече дека го боли грбот и дека ќе отсуствува три недели. Кога се врати, беше видливо послаб – истакна Тиг во еден американски поткаст.
Иако НБА никогаш, на никаков начин не го поврза Леброн Џејмс со употребата на нелегални супстанции, изјавата на Тиг веднаш го привлече вниманието на медиумите, повторно отворајќи стари прашања за ефикасноста на антидопинг контролите во професионалната кошарка.
Важно е да се напомене дека Џеф Тиг не понудил никакви конкретни докази како поткрепа на своето тврдење. Тој играше против Леброн неколку пати во својата кариера, особено во плејофот ,како член на Атланта, но изгледаше дека сè се базира исклучиво на неговиот личен впечаток.
Откако неговите зборови предизвикаа лавина од реакции и критики, Тиг се огласи на социјалните мрежи и се обиде да ја смири ситуацијата.
- Сите сте чудни. Се шегував за Брон. Тој беше толку доминантен. Смирете се! – напиша Тиг.
Иако ги повлече своите зборови, контроверзијата што ја предизвика не исчезна толку лесно. Темата за допингот во НБА отсекогаш била чувствителна, а кога се поврзува со неа име како Леброн Џејмс, тензиите растат.
Дали ќе останат зборовите на Тиг само непромислена шега или ќе предизвикаат подлабока истрага и дебата, останува да се види.