Иако го продолжи договорот со Лејкерси, Леброн Џејмс, сепак, може да ја промени средината. Четири НБА-тимови се во игра за неговиот потпис, вклучувајќи го и клубот од кој сè започна.
Леброн ќе заработи повеќе од 52 милиони долари следната сезона, но тоа не е гаранција дека навистина ќе го носи дресот на Лејкерси. Според информациите од почитуваниот НБА-инсајдер, Брендон Робинсон, дури четири тима покажуваат сериозен интерес за 40-годишната суперѕвезда. Во играта се Далас, Голден стејт, Кливленд и градските ривали – Лос Анџелес Клиперс.
Како што се очекуваше, најголемо внимание на јавноста привлекува потенцијалното враќање во Кливленд, каде што Џејмс ја започна својата кариера.
Сепак, ниту можноста да му се приклучи на Стеф Кари во составот на Голден стејт не ги остава рамнодушни љубителите на кошарката. Дополнителна тензија внесува фактот дека во конкуренција се и Клиперси – директни ривали на Лејкерси, што би го направило потенцијалниот трансфер уште посензационален.
Ситуацијата е дополнително комплицирана бидејќи Леброн наводно не е целосно убеден дека Лејкерси можат да ја нападнат титулата.
Извори блиски до кошаркарот тврдат дека тој е загрижен бидејќи челниците на Лејкерси повеќе размислуваат за долгорочниот проект, отколку за моменталната борба за прстен.
Иако официјално не побарал размена, гласиштата за можно заминување не престануваат. Важно е да се нагласи дека договорот на Џејмс содржи клаузула за „нетрговија“, што значи дека тој има право да стави вето на секоја потенцијална размена. Со други зборови, ако Лејкерси најдат договор со некој тим, Леброн има право да го одбие. Ова му дава целосна контрола врз својата судбина – што не е често случај во светот на НБА. Тој влегува во својата 23. сезона во НБА, а неговата статистика сè уште изгледа импресивна.
Леброн ја заврши минатата сезона со просек од 24,5 поени, 8 асистенции, 7,9 скока, 1,1 украдена топка и 0,6 блокади по натпревар. Тој имаше вкупно 75 настапи во регуларната сезона и плејофот.
Лејкерси ја завршија сезоната со пораз во четвртфиналето на Западната конференција против Минесота Тимбервулвс.