Леброн Џејмс (40) ја искористи опцијата за играч во својот договор вреден 52,6 милиони долари, за сезоната 2025/2026, што значи дека ќе игра за Лос Анџелес лејкерс следната сезона во НБА-лигата. Тоа ќе биде 23. сезона во елитата за рекордерот по број на поени во лигата (42.184 во регуларната сезона, 8.289 во плејофот), ова го прави првиот играч во историјата со толку многу сезони во најсилната кошаркарска лига во светот.
Џејмс имаше рок до недела да донесе одлука за својата иднина и иако имаше шпекулации за можно пензионирање или за трансфер во друг тим, најверојатната опција беше да остане во Лејкерс. Минатата сезона, и покрај своите години, беше еден од најдобрите играчи во лигата, со просек од 24,4 поени, 8,2 асистенции и 7,8 скока, со 51,3 % шут од поле и со 37,6 % шут за три поени. Тој е на прагот да направи уште еден обид да освои НБА-прстен, својот петти. Овој пат со Лука Дончиќ од почетокот на сезоната.
Новите 52,6 милиони долари, исто така, значат дека заработил околу 580 милиони долари само од плата. Вкупната сума што ја заработи во текот на својата кариера, што ги вклучува приходите од спонзорствата, инвестициите и другите деловни потфати, пред три години надмина една милијарда евра. Се очекува дека до крајот на неговата кариера таа ќе изнесува околу 1,5 милијарди.