Откако пред само неколку дена изјави дека сака да си замине од Милвоки, голем број клубови веднаш покажаа интерес за грчкиот кошаркар Јанис Адетокумбо. Меѓу оние кои сериозно размислуваат за негов трансфер е и тимот на Лос Анџелес Лејкерс, сценарио кое сигурно би го одбележило летото во НБА.
Според „ЕСПН“, „езерџиите“ се убедени дека Јанис би посакал да игра за овој тим доколку грчката суперѕвезда побара размена од Милвоки Бакс. Во Лос Анџелес веруваат дека нивната традиција, пазар и амбиции за титулата претставуваат силен адут во евентуалната трка за еден од најдобрите играчи на денешницата.
Еден извршен директор од Западната конференција го опиша Адетокумбо како „голем плен“, нагласувајќи дека Лејкерс би биле подготвени да започнат сериозен напад доколку се појави можност, а можноста е веќе отворена по последната изјава на Гркот.
-Да зависеше од мене, веќе ќе бев во друг клуб. Следното лето, сè ќе биде во мои раце, кога ќе бидам слободен агент, ќе го напуштам Милвоки, порача Јанис пред неколку дена.
Сепак, треба да се нагласи дека целата приказна за евентуален трансфер во моментов е во доменот на шпекулации, бидејќи Милвоки сè уште нема намера лесно да се откаже од својот играч, и покрај неговата изјава.
Бакси се свесни дека во текот на летото можат да се обидат дополнително да го зајакнат составот и да го убедат Јанис да потпише продолжување на договорот, за што тој станува подобен на 1 октомври. Сепак, доколку дојде до целосен пресврт и одлука за „ресетирање“ на тимот, Лејкерси веќе имаат рамка за понуда. Основата на потенцијалниот пакет би биле три идни избори од првата рунда на драфтот, што е капитал што би можел да биде исклучително вреден во случај на реконструкција на тимот од Висконсин.
Лос Анџелес Лејкерс верува дека нивната ситуација е поповолна отколку пред крајниот рок за тргување во февруари, кога тие исто така ги следеа случувањата околу Јанис.
Познато е дека приоритет на Адетокумбо е освојување на нова титула, а токму тоа е картата со која Лејкерси сакаат да играат. Амбициите за шампионски прстен и глобалната видливост на клубот би можеле да бидат клучни фактори во неговото евентуално размислување за иднината.
Пред затворањето на последниот преоден рок, наводно, интерес покажале и Мајами, Минесота и Голден стејт, но Бакси во тој момент не биле подготвени за сериозни преговори.
Сепак, ситуацијата би можела да изгледа поинаку во текот на летото, особено ако резултатите не ги исполнат очекувањата на раководството и навивачите во Милвоки.
Едно е сигурно, ако Јанис стане достапен на пазарот, НБА лигата ќе добие една од најголемите трансфер саги во последната деценија, а Лејкерси сакаат да бидат во самиот центар на таа приказна.











